Интервју со одделенскиот наставник Соња Трифуновска: Се трудам мојата училница да биде место во кое учениците ќе бидат среќни

Сподели:

Образованието игра клучна улога во формирањето на секое дете, бидејќи го обликува неговото знаење, карактер, вештини и ставови кон светот.

Преку формално и неформално учење, децата развиваат когнитивни способности, креативност и критичко размислување. Покрај тоа, образованието ја поттикнува социјализацијата, учи на одговорност, емпатија и тимска работа – вредности што се неопходни за успешно функционирање во општеството. Квалитетното образование им помага на учениците да се адаптираат на брзите промени во светот, нудејќи им стабилна основа за понатамошен личен и професионален развој. Добрата едукација не е само стекнување факти и информации, туку и учење како да се решаваат проблеми, како да се развива љубопитност и како да се применува знаењето во секојдневниот живот.

Современата технологија пак, во денешно време, значително го трансформира начинот на учење и наставата, овозможувајќи поголема интерактивност, персонализација и пристапност до информации. Иако технологијата нуди бројни можности, важно е таа да се користи правилно, без да го замени традиционалното образование, туку да го надополни и подобри. Балансот помеѓу дигиталните алатки и традиционалните методи на учење е клучен за целосен и хармоничен развој на учениците.

Сите овие компоненти ги застапува пристапот на одделенскиот наставник Соња Трифуновска од О.У. „Гоце Делчев“ – Тетово. Со неа разговаравме за тековните активности на учениците, како за и значењето на креативниот и модерен пристап во едукацијата, со цел поуспешно совладување на потребните вештини.

Дел сте од О.У. „Гоце Делчев“ – Тетово и работите како одделенски наставник. Она што Ве издвојува е постојаната желба за надоградба и едукација, како и креативноста која секогаш резултира со забавни идеи и активности за ученици, со цел полесно совладување на потребните вештини. За почеток, кажете ни од каде ја црпите инспирацијата и што е она што ве мотивира секогаш да изнаоѓате уникатни начини за пренесување на знаењето?

Љубовта кон професијата и децата е најважното и најосновното нешто што треба да го поседува учителот. Таа љубов е како жарче во себе што постојано ве поттикнува да учите и да се надоградувате, да истражувате и да наоѓате пристапи во процесот на учењето кај децата кои се ефективни и кои не само што треба да ги водат учениците до повисоки резултати во учењето, туку и да ја градат нивната личност, да ја зголемат кај нив мотивацијата за учење, да им ја развиваат креативноста и критичкото размислување. Во својата работа се трудам мојата училница да биде место во кое учениците ќе бидат среќни, ќе развиваат позитивни особини и вредности, ќе бидат жедни за знаење, ќе учат во атмосфера која е стимулативна и поттикнува на активност и соработка, ќе стекнуваат знаења и вештини кои ќе им помогнат да се справуваат со предизвиците од секојдневниот живот и ќе ги подготват за нивната иднина. Задачата на учителот е многу важна и тешка, зашто што тој е градител на општеството и иднината. Токму затоа пристапот кон работните задачи треба секогаш да е сериозен. На пример, за да ги реализирам наставните часови и другите училишни активности подготовката дома често ми трае повеќе часови, отколку часовите поминати на училиште. Кога размислувам за тоа што треба да го совладаат учениците, најпрво ги запишувам сите идеи и ги избирам оние што сметам дека ќе бидат најефективни и соодветни за моите ученици. Често сама изработувам ресурси за учење: наставни листови, образовни игри, електронски книги, дигитални задачи, видео лекции, квизови и слично. Кога ќе ги применам, најважна ми е реакцијата на учениците и постигнатите резултати. Од нив учам како да се подобрувам во работата и како да ја направам наставата поквалитетна.

Вашето училиште е дел од низа едукативни програми, па неодамна неколку ученици беа и добитници на награди на натпревар за информатичко размислување. Што точно подразбира таквиот натпревар и со какви вештини се здобија учениците?

-Натпреварот за информатичко размислување на Центарот за едукација „ New Corner“ се одржува втора година и нашето училиште и минатата учебна година и оваа зеде учество со повеќе ученици од различни паралелки, кои постигнаа високи резултати. Во месец април ќе се одржи Интернационалниот натпревар за кои обезбедија пласман доста ученици од нашето училиште и во тек се подготовките за овој натпревар. Задачите од овој натпревар ги поттикнуваат учениците на информатичко и логичко размислување, преку решавање на проблемски задачи од секојдневниот живот. Ваквите задачи се вистински предизвик за децата и можам да кажам за моите ученици, секогаш кога ќе одвоиме време за вежбање на ваков вид на задачи, тие ги решаваат со радост и возбуда и секогаш поттикнуваат на натпревар и забава во училницата.

Со оглед на тоа дека живееме во технолошки свет, во училиштето се одбележа и „Денот за побезбеден интернет“, во рамки на Недела на информатиката. Во какви активности помина одбележувањето и што тоа значеше за училиштето и секако учениците? Колку ваквите активности се важни за новите генерации кои растат со експресниот развој на технологијата?

-Во нашето училиште секоја година се реализираат активности во рамки на „Недела на информатиката“ и „Денот за побезбеден интернет“. Оваа година пред одбележувањето на овие настани аплицирав на повикот за наставници да бидам дел од проектот „SHIELD: Практично учење преку симулација на игрa за подобрување на вештините за сајбер безбедност“, кој го објави Центарот за иновации и дигитална едукација „Диг-Ед“ и учествував во активностите на проектот. Таму имавме можност да учиме од експерти – како да ги користиме алатките за вештачка интелигенција, за да креираме игри за сајбер безбедност и имавме задачи по работилницата, да креираме образовна игра преку приказна и да ја примениме кај учениците, но притоа да направиме пред-тест и пост-тест, за да утврдиме каков е ефектот на играта врз учениците. Играта што ја креирав „Операција-чувар на интернетот“, беше избрана да биде еден од отворените ресурси кои наставниците можеа да ги користат за одбележување на „Недела на информатиката“. Во нашето училиште играта ја применив во три паралелки од петто одделение и учениците имаа можност на забавен начин преку решавање на предизвици, да учат за безбедно и етичко користење на интернетот. Примената на оваа едукативна игра за учениците беше ново искуство и ефектите беа многу позитивни. Ваквиот начин на учење ги мотивира учениците да стекнуваат знаења и вештини, постојано ја одржува нивната концентрација, го развива критичкото размислување и го јакне тимскиот и натпреварувачки дух. Овие активности се повеќе од корисни за учениците, би рекла потреба на денешното дигитално време, бидејќи децата поминуваат многу часови на интернет и без дигитална и медиумска писменост нема да можат да се справат со предизвиците на интернетот, а ги има премногу, како заштита на приватноста, справување со сајбер напади и насилство и слично. Доколку децата неправилно го користат интернетот можат да споделуваат чувствителни информации, да станат жртви на онлајн малтретирање или насилство, а тоа доведува до различни последици од психичка, емоционална, физичка, когнитивна и социјална природа.

О.У. „Гоце Делчев“ го одбележа и патрониот празник, денот на раѓањето на Гоце Делчев, а Вашите ученици по тој повод се претставија со песна која заедно сте ја создале. Можете ли да ни го опишете накратко процесот на создавање на песната и колку дечињата беа мотивирани?

-Часовите по музичко образование во мојата училница се најголема радост за децата, бидејќи многу ја сакаат музиката и учат преку најразлични активности, а најмногу ги сакаат ритмичките вежби со движења и се разбира, пеењето на песни. За патрониот празник сакав да научат да пеат песна за Гоце Делчев, но не успеав да најдам соодветна за нивната возраст и решив сами да ја создадеме. Најпрво учениците ги запознав со делото на нашиот патрон на начин разбирлив за нив и напишавме неколку клучни зборови кои се важни за Гоце Делчев и патрониот празник. Потоа ги поттикнав да смислуваат кратки стихови во кои ќе се споменуваат тие клучни зборови. Создававме заеднички и се договаравме кои стихови подобро ни звучат и ги запишувавме. За определени зборови учениците бараа соодветни со рима и ги запишувавме на крајот од стиховите. Откако го напишавме текстот, се обидувавме да создадеме мелодија што ќе одговара на тие стихови и обидите ги снимавме, за да ги споредуваме. На крајот избравме која мелодија најмногу одговара и ја научивме песната да ја пееме за нашиот патронен празник. Овој начин на работа ги поттикнува учениците да продуцираат многу идеи и им ја развива креативноста. Многу е важно и чувството на радост кога ќе се создаде некоја творба, зашто тоа ги мотивира учениците на идни слични активности.

Бидејќи сте поминале низа обуки и едукации за вметнување на технологијата во образовниот процес, колку сега се применува истата во вашето училиште? Дали можеби се користи и вештачката интелигенција во образовните активности?

-Во нашето училиште се реализираат активности со примена на дигитални уреди и најчесто на часовите се користат презентации, истражувачки активности на интернет, онлајн квизови за проверка на знаења и слично. Исто така се користат и алатките за вештачка интелигенција, но во помала мера. Еден добар пример од нашето училиште за користење на овие алатки е празничната видео честитка за патрониот празник генерирана со вештачка интелигенција кој ја креираше ученикот Матеј Дојчиноски од IX-2 одделение, под менторство на наставничката Маја Михајлоска. Би споменала дека алатките за вештачка интелигенција треба да се користат внимателно и етички, не за создавање плагијати и за копирање на одговори, туку за поддршка, развивање на идеите и продуктивно учење.

Што би им порачале на родителите кои допрва ќе ги запишуваат своите деца во вашето училиште? Што може да очекуваат и која е Вашата визија за самата професија?

-Нашето училиште е во вистинска смисла на зборот втор дом на учениците. За тоа е заслужна нашата директорка Рената Бојаровска, како и сите вработени во училиштето. Во него има безбедна и стимулативна средина за учење и игра, каде учениците доаѓаат со радост и се мотивирани за стекнување на знаења, развивање на нивните таленти и градење на позитивни вредности. Современите услови и подготвениот кадар придонесуваат кон квалитетна настава и реализација на воннаставни активности кои ги развиваат интересите на учениците. Опремените кабинети придонесуваат кон истражувачко учење и практична настава. Спортската сала обезбедува услови за ефективна настава по физичко и здравстено образование и спортски активности и натпревари. Нашето училиште дава можност учениците да посетуваат и дневен престој каде ги пишуваат домашните задачи, учат и имаат слободни активности. Вклученоста во различни проекти го вмрежува училиштето со други училишта и ги подготвува учениците за соработка и развивање социјални вештини. Во нашето училиште учениците не стекнуваат само знаења, тие се развиваат како личности, учат критички да размислуваат и се подготвуваат за идни успеси. Токму тоа е и мојата визија: „Квалитетно образование за сите деца кое ќе ги подготви за предизвиците на современото живеење и нивната иднина“.

Особено вредна за напоменување е и посетата на Трифуновска во „Плус форте“ радио, заедно со нејзините ученици, пред неколку години. Дечињата можеа од блиску да видат како изгледа работата во медиумот и која е улогата на радиото како медиум, а го почестија водителот Небојша Карапејовски со креативни изработки и подароци.

Труфуновска е и Едуино амбасадор. Се работи за концепт кој подразбира вклучување и препознавање на исклучително посветени наставници и воспоставување на група за професионална соработка и развој во едукацијата.

Образованието останува најмоќното средство за обликување на идните генерации. Кога сите потребни аспекти ќе комбинираат на вистински начин, се создаваат услови за квалитетно и современо образование што им помага на децата да станат успешни, самостојни и подготвени за предизвиците на иднината. А со наставници како Трифуновска, успехот несомнено е загарантиран.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top