Колумна на Павле Кузманоски: Осврт на ликовната уметност во Тетово – минато и сега

Сподели:

Тетово е град со богат културно уметнички живот од сите области, меѓу кои и ликовниот живот.

Ликовниот живот е застапен сеопфатно во смисла на организираност и активност во дејностите. Тоа значи пред сè, дека има голем број на ликовни уметници кои имаат регистрирано свое друштво ДЛУТ (Друштво на ликовни уметници на Тетово), што организира редовни годишни ликовни активности, во организирање на ликовни изложби со неговите членови како што е пролетниот ликовен салон, есенскиот ликовен салон и други манифестации.

Да не заборавиме дека Тетово е град со мултиетничка средина, град во кој се наоѓа Тетовскиот универзитет во кој има и ликовна академија од која излегуваат завршени многу уметници, па така и Друштвото на ликовните уметници е од мултиетнички карактер, но за жал сепак можеме да констатираме и слабост во активностите, затоа што освен овие две манифестации, пролетниот и есенскиот салон нема друга помасовна групна активност.

„Богородица на беспрекорната концепција“/ автор: Павле Кузманоски

Сепак, тука е уметничката галерија во која често се одржуваат самостојни изложби на голем број ликовни уметници од сите области и творештва.

Но, да се вратиме малку во минатото во кое Тетово имало на свој начин културен, ликовен живот, бидејќи тука живееле и твореле повеќе уметници како што биле Јосип Бужан, Саво Теофиловиќ, потоа во Тетово боравеле и твореле сликарката Катја Ефтимова, која во раните педесетти години од минатиот век, на Тетово му даде еден ликовен печат како сликарка со високо, академско образование со организирање на нејзини изложби, а посебно со едукација на учениците во гимназијата, каде што беше неколку години професор по ликовно образование. Со нејзина заслуга, таа испрати неколку ученика на школување во ликовното училиште во Републиката. Да не се заборави и повеќегодишното живеење во Тетово на младиот Лазар Личеноски кој многу активно учествувал во културно – уметничките збиднувања во тоа време во Тетово.

Во текот на втората половина на минатиот век во Тетово биле организирани голем број на ликовни изложби на познати уметници од другите средини од кои ќе ги споменеме изложбите Лазар Личеноски, Катја Ефтимова, Љубомир Белогаски, Теофил Шулајковски и други.

Ваквите активности сега се поретки од причина што се изменија условите за гостување и финансирање на тие активности. Но, затоа пак имаше чести и редовни учества на Тетовски уметници во други градови на Републиката со самостојни изложби и учество во групни изложби во Републиката и во странство.
Повеќе години се одржуваа и други видови ликовни активности, како што се ликовните колонии во кои учествуваа голем број уметници од градот, но и од другите средини па и од странство.

Во културно – уметничкото друштво „Иљо Антески – Смок“, активно работи ликовна секција во која земаат учество голем број на млади ентузијасти под раководство на стручен раководител и постигнуваат завидни резултати.

Најголем подржавател на овие ликовни активности во Тетово се Уметничката галерија, Домот на културата и Музејот на град Тетово кои несебично ги отстапуваат своите простории за организирање на ликовни манифестации.

Како заклучок, можеме да кажеме дека во градот се одвива успешно ликовната активност. Сепак мораме да констатираме дека таа може да биде уште побогата, но мораме да кажеме дека во овие сегашни моменти условите се подруги и потешки, со обзир на специфичноста на ликовниот занает што бара големи материјални средства и трошкови.

Павле Кузманоски – академски сликар

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top