Ја нарекувам „Vol.1“, прво за да го изнервирам мојот колега Небојша, зошто многу се лути кога користам англиски зборови, а второ зошто е баш мое првенче колумна, срце мое.
Се мислев и дали да почнам на „тетосќи“, или на стандарден, македонски јазик и се одлучив за втората опција, за жал или за среќа, оти во мене тлее надеж (и одреден степен его-момент, веројатно) дека можеби моите видувања ќе бидат споделувани и вирални (ха-ха). Е да разберат сите де. Зошто тетовскиот е како „марсовски“ за многумина. Ама ќе бидете повремено почестени и со строг тетовски дијалект во некои од идните колумни – нема да може да ми издржи душичката.
За почеток, добро би било да ве „удавам“ со тоа зошто ја нареков „Паничен напад“. Колумната, по дефиниција е статија во која се изразува личното мислење од страна на еден новинар. Вообичаено, колумни пишуваат малку поискусни новинари, кои од низата работни ангажмани и позиции, стекнале мудрост и знаења, па ги споделуваат своите видувања и критики за општеството во кое дејствуваат. Е сега дали јас спаѓам во нив, не знам, ама пак и не е толку важно, зошто како што вели Небојша: „А бре ти можеш малу да потраеш?“. Односно, имам многу за кажување, па да си ја пробам среќата. „Лист хартија трпи сè “, во овој случај веб објава трпи сè – и така кој стигна, кај стигна, пишува што сака.
Речиси една деценија се борам со анксиозност – непријатно чувство на страв, загриженост, нервоза, па често и паника. Анксиозноста вообичаено се јавува кога луѓето се во некаква опасност, кога се под некаква закана или притисок. За жал, анксиозноста во модерното време се јавува без никакво предупредување, кога нема ниту закана, ниту реална опасност од која треба да стравуваме. Ова е психолошко нарушување од кое страдаат многу луѓе, а особено е присутно кај младата популација. Не, нема да ве оптоварувам со „откривање топла вода“ и елаборирање психолошки објаснувања: прво не сум стручна за такво нешто, а второ не е тоа поентата на самата колумна. Иако анксиозноста и паничните напади се во голем дел предизвикани од лични фактори и приказни на индивидуите, сепак и средината и случките во околината, се дел од низата на поттикнувачи.
Тука доаѓаме до сопствената околина и средина на живеење, а мојата конкретно ееее „удар со тапанииииииии“: Тетовоооооооо, Македоооооонииииијааааааааа!!! Градот под Шара, малиот Париз, градот на ѓубрето, хаосот, загаденоста, криминалот, национализмот, „соживотот“, „ќив си?“ менталитет, дијагноза „ќе те зјапам, што има врска“…Упс, ми излетаа овие последниве…
Паничниот напад иако е само во главата на индивидуата, односно е нереален страв, во зададениот момент кога се случува, се манифестира и со физички симптоми: забрзано и тешко дишење, срцебиење, потење, ненадејно чувство на страв, гушење, вртоглавица и слични други „прекрасни“ сензации. Оваа средина изобилува со случки и моменти кои доведуваат до ваква симптоматологија. Да, некои случки буквално доведуваат до физичка манифестација на паничниот напад. Тоа е и целта на оваа колумна – што ми предизвикува паничен напад од настаните кои се секојдневие во ова живеалиште? А за жал, ги има многу. Од банални нешта, до навистина сериозни проблеми, кои тлеат со децении. Не се придвижуваат од мртва точка. Некои дури и се влошуваат. „Од бетер, побетер“, што би се рекло народски. Најлошото е што оваа средина не дава никакви изгледи дека нешто можеби ќе тргне на подобро. А зошто е тоа така? Прво што ми паѓа на ум, е – затоа што никој не презема апсолутно ништо. Веројатно мислиме дека од небо ќе ни падне било што, дека работите сами од себе ќе се решат, дека не треба многу работа за нешто да се поправи. Или го знаеме тоа, ама не мрзи. Навистина не знам (освен тоа), што е конкретната причина за таквата наша ноншалантност. Кога некогаш изгледа како сè околу нас да се руши.
Ова општество е толку затруено, огорчено и апатично, што некогаш се прашувам како ли воопшто земаме здив. И знам, дека не сум сама во тоа чувство.
To be continued…(За инает на Небојша)

Маја Перац
Еден ИНАЕТ ејјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјјј