Јован Василевски е млад и талентиран композитор и музичар од Тетово, чие име сè почесто се споменува во музичките кругови. Иако на млада возраст, веќе има создадено низа квалитетни музички дела, а неговите песни брзо прераснуваат во хитови.
Јован Василевски е роден на 16.05 1984 во Тетово. Како едуциран музичар, има завршено на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек музичар теоретичар, како и на Факултетот за музичка уметност во Тетово, отсек пијано. Работи како професор по пијано во ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово.
Јован е во голема мера посветен и на создавањето музика, како композитор на многу пејачи од македонската естрада, како во народната музика така и во популарната музика.
Изведувач: Сања Тодоровиќ/ Музика: Јован Василевски/ Аранжман: Јован Василевски/ Текст: Василевски и Тодоровиќ/ Макфест 2024 година
Неговото име се истакнува на голем број композиции за Наум Петрески, Сузана Спасовска, Сузана Гавазова, Зуица Лазова, Влатко Лозаноски – Лозано, Ибуш Ибраимоски, Трио Гавровски и други познати музички имиња.Одреден период од 2010 до 2013 година работи и како диригент на мешаниот младински хор во Центарот за кулура „Иљо Антески Смок“ – Тетово.
Преку својата работа, добитник е и на низа награди, меѓу кои и втора награда на Валандово фолк фест со Трио Гавровски, со песната „Љубов искрена“.
Текстописец е на песната за избор на Евровизија во 2006 година – „Моја најмила“ во изведба на Петар Механџиски. Потоа следува „Последна песна“ на Амир Ибраимоски, за избор за Евровизија во 2011 година.

Креатор е на нумерата „Шар Планина“, која ја изведува популарниот Наум Петрески, како и песните „Не си оди сине“, „Остави ме“, „Боже дај им сила“.
Се потпишува и зад „Света земја“ и „Лудо младо“ на Сузана Гавазова.
Автор е и на „Како порано што беше“ на Лозано, а има работено и со многу други пејачи како Дарко Коцев, Христијан Трајаноски, Христијан Ефрески, Бобан Велјаноски, Катерина Симоновска, Трио Кладенец.
Како посебен подарок за Тетовчани, се издвојува и неговата изработка на аранжманот заедно со Гоце Симоноски на големиот хит кој го изведе Дарко Гавроски – Гавро, „Ја го љубим Тетоо“.