Од иницијативата „Тетово сака парк“ реагираат за новопоставената железна ограда на кејот на река Пена во Тетово. Од таму посочуваат дека 162 илјади евра кои Општината соопшти дека ги инвестирала за таа намена, се како што велат од иницијативата – срамен чин.
Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:
„162 000 евра за железен ѕид на кејот на Пена – Ваквото трошење на средства, во услови кога Општина Тетово секое неинвестирање во нови спортски терени, рекреативни содржини, детски игралишта, паркови, зеленило и пристојна урбана опрема го правда со немање пари и презадолженост е срамен чин и доказ за безидејноста или можеби на преголемата желба некој да испумпа што повеќе пари.
Кој заклучи дека ваква превисока, прегуста железна ограда, која оневозможува поглед кон реката на минувачите долж кејот, а чини прескапо е приоритет? Тетово нема доволно капацитети во детските градинки, училиштата се реновираат исклучиво со ретко добиени донации, имаме улици без улично осветлување, опасни кучиња и смет по улиците, а не е подигнат ниту еден современ спортски терен по стандарди, ниту метар велосипедска или трим патека.
Во ваква состојба Општина Тетово дава приоритет на железна ѕид ограда која чини цели 162 000 евра или околу 10 000 000 (десет милиони) денари. Недозволиво! – се вели во соопштението на „Тетово сака парк“.