СЕЌАВАЊА
Сеќавања на поранешните вработени за магијата на Плус Форте радио – што најмногу помните од деновите поминати во Плус Форте радио?
Санда Србиновскa
Радиото е магија која бара приказната раскажана со збор, глас, да создаде слика. Навидум напорено, но вистински неповторлив предизвик. Започнав со работа како студент, продолжив како новинар во Радио Тетово. Но децениското другарување со Небојша и понудата за самостојно и креативно работење, во 2001 година ме донесоа во Плус форте радио. Трансферот се совпадна со почетокот на конфликтот. Причина повеќе да се биде издржлив, и психички и физички, да се пласираат точни, проверени информации, а едновремено да се понудат навремени, смирувачки вести, без сензационализам.
Проверка на информацијата пред објавување (од министерствата во земјава и колеги од Хрватска и БиХ) направивме и по првичните информации за загинувањето на претседателот Трајковски и Тоше Проески. Но, притисокот дали да бидеш прв или да бидеш точен секогаш се чувствуваше. Како етаблиран медиум во Полошкиот регион и остварени контакти во земјава и со меѓународни организации, успеавме да ја развиеме информативната програма не само со вести и централен дневник, туку и со контактни емисии прифатени од целата популација. Плус форте радио беше семејство во кое се собиравме и вработените и соработниците. Се вртеше комад со паричка за Василица, се кршеше леб за Св. Атанасиј. И што би рекле по нашки “Дватриесе душе гости и домашни, попоој и музика, песма.” Плус форте радио беше и остана семејство кое обединува, информира и забавува.


Маја Блажевска Евросимоска
На Плус форте радио му се навраќам како на некогашен дом. Пријателско катче резервирано за утрата. Во нос сè уште ми е мирисот на липата кога преку микрофонот посакуваме добро утро. Се сеќавам и на “Утринското возење” кое подоцна ни го прераскажуваат слушатели.
Во мојата меморија Плус форте радио се Боце, Самир, Цопка. Сашка и нејзиниот тефтер со теми која вели: ајде да видиме што сме снимале лани на денешен ден. Наце кому му ги читаме текстовите за да ни каже: тоа не чини, другото е добро! Ѕвонењето на телефоните и колегите од другите редакции кои сакаат да слушнат што ќе се работи денеска. Нашите невешто напишани текстови и огромната желба да учиме. Колегите кои ги завршуваат и работите кои дури и не им се дел од обврските. Тетово и неговиот дух не се комплетни без 102,3-тиот мегахерц.
Самир Љума
Канал Плус Форте е почеток на се што ми се случува на животниот пат. Имав 15 години, кога Боце за да ме „откачи“ како слушател на контактните емисии, ми понуди да водам детска емисија.
Емисијата ја водев секоја недела од 9 часот. Се викаше „Голем одмор“. Од тогаш, па до сега, животот и работата ми се како Голем одмор. Уживање.

Елизабета Тушева Јовановска
Кога дојдовме на аудиција со Зоран, Небојша ни рече „па кеј бевте вие до сега”. Уф, какква енергија за почеток. За почеток на нешто непознато и нешто за што се врзуваш за цел живот. Канал плус беше првото работно искуство, ама и првата љубов на која би и се вратила секогаш.
Почнав со „Дружење плус“, па со „Утринско возење“ на Плус форте. Ако треба да го опишам работењето во неколку збора тоа би било опуштено, расположено, со смеење од срце, со позитивна енергија која е баш задоволство да ја пренесеш до оние кои те слушаат, да избереш зборови за да им го пресликаш сето она што во тој момент не го гледаат. Затоа радиото е магија.
Канал Плус форте е институција што ги изваја најквалитетните гласови, новинари и водители во Полог. Канал Плус форте мене ме созреа, порасна и оформи како човек и професионален новинар.Само оној кој не го почувствувал радиото од другата страна, не знае како е да се полни животот со позитива секојдневно. Магично е. Го сакам тоа Плус форте радио.

Слободанка Илиевска
Мојата прва љубов и вовед во светот на телевизијата, е моето радио Канал Плус Форте, каде што научив и стекнав се што и денес применувам. Кога едно време бев на конкурс во МТВ и веднаш дел од истата, тогаш познатиот спикер Благоја Крстевски, слушајќи ме како читам, ме праша веднаш после неколку прочитани редови: „Ти си подготвена, кој е тој што вака те научи?“. И јас одговорив: „Небојша Карапејовски од Канал Плус Форте Тетово“. Се насмевна и рече: „Секоја чест, браво за него, ти си готов производ“.
И денес сум горда што бев дел од најслушаното радио Канал плус Форте, во мојот град. И со голема љубов се навраќам на преубавите и незаборавни спомени.


Зоран Јованоски
Постојано учење од искусни колеги, изливи на креативност, зграпчување секоја можност, доволно простор за докажување и секако смеење до солзи. Вакви спомени носам од мојата прва љубов во новинарската кариера – Плус форте радио. Таму почнавме во 2006 година заедно со колешката Елизабета Тушева, уште како студенти.
Работевме на емисијата Дружење плус со која стекнавме драгоцено знаење и способности. Подоцна сфатив колку на еден телевизиски новинар му значи радиското искуство. И да има од кого да учи. Помина многу време и со години сум во сосема поинакво новинарство, но мислам дека секогаш би се вратил пред радискиот микрофон. За мене, таму е најголемата слобода на еден новинар.
Моника Јовановска
Радио. Голем дел новинари би кажале дека радиото е најсовршениот медиум. Јас не би кажала ништо помалку. Знам. Бев. Видов. Почувствував. И верувајте, би се вратила повторно! За мене Плус форте радио беше првиот допир со новинарскиот свет. Млада, без искуство, тукушто излезена од студенска клупа, заедно со Маја, побаравме шанса кај Небојша. Прво нешто што ни рече беше да ја кажеме азбуката. „Ее добро, ја имате свака буква“, ни рече. Ние преплашени. На радио никој ништо не гледа, само те слуша. Само со глас и збор мораш да пренесеш цела приказна. „Ајде да чуем како читате. Ау катастрофа. Леле, за нигде“, ни рече.
Ама, успеа да не направи БОНБОНА. Тоа е најголемиот квалитет на Небојша. Учител кој верувајте не се откажува се додека не те научи се што треба да знаеш за работата. Уживав во секој нов поминат ден пред микрофонот на Плус форте радио. Тоа е мојот почеток, кој ме научи на сето она што не се учи на факултет. Основа и лекција и пол! Па слободно можам да кажам, дека до сега, ништо го нема надминато тоа искуство.
