На седницата на Советот на Општина Тетово, повторно беше ставена на дневен ред, предлог-одлуката за формирање работна група за преименување на улиците во Општината.
Советниците од СДСМ и Левица истакнаа дека се против, додека пак од ВМРО-ДПМНЕ, потенцираа дека ќе гласаат за одлуката, зошто како што велат, се работи за решавање на техничко, а не етничко прашање.
Точката на дневниот ред целосно беше именувана како „Предлог-одлука за формирање работна група за преименување на улиците во Општина Тетово кои веќе имаат определено име и именување на улици на кои името им е определено со работен број“, која веќе беше отворена во летото 2024. Додека пак, во февруари 2025 година Општината објави јавен повик до граѓаните за собирање предлози за имиња на улиците.
Најгласно на ова реагираа од Сојузот на борци од НОАВМ и граѓани продолжувачи – Тетово, кои и денес имаат соопштение по повод оваа тема:

-Продолжен обид за оживување на фашизмот и необализмот и после локалните избори!
Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово остро реагира против одлуката на Советот на Општина Тетово повторно да се впушти во процес на преименување на тетовските улици и да се обиде на голема врата да наметне како општествена вредност имиња на фашисти, балисти, милитанти, терористи и злосторници!
Нема никаква рационална потреба од ваквата одлука. Законот го демантира употребениот изговор дека имало улици кои се воделе со бројка. Тоа не е забрането и целосно е во ред, особено за улици без големо урбано значење.
Имајќи во предвид дека пред неколку месеци целата македонска јавност гневно реагираше против отворањето на бугарските фашистички клубови во неколку градови, апелираме до совесното граѓанство, интелектуалците, новинарите и политичките субјекти заедно да го разобличиме и овој постојан притисок и терор кон граѓаните на Тетово! – се вели во нивното соопштение.

