Сојуз на борци – Тетово: Уставниот суд да ја укине Одлуката на Советот на Општина Тетово за промена на имињата на улиците како неуставна и незаконита

Сподели:

Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово информираат дека поднеле како што велат, темелно образложена Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово, за промена на имињата на улиците.

Во известувањето до јавноста, тие објаснуваат од кои причини се одлучиле на тој чекор. Известувањето ви го пренесуваме во целост:

-Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово известува дека денес поднесе темелно образложена Иницијатива за оценување на уставност и законитост на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр. 07-766/4 од 24.04.2007 година која се однесува на промена на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во градот.

Одлуката е спротивна на членовите 7, 8 и 51 од Уставот на Македонија, како и спротивна на членовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како и чл. 6 ст. 3 од Законот за употребата на македонскиот јазик, поради што очекуваме Уставниот суд истата да ја укине како неуставна и незаконита.

Спорноста на Одлуката произлегува од нејзината едностраност, односно истата е донесена без исполнување на законскиот услов – претходна согласност од Владата на Република Македонија. Спорната Одлука и покрај тоа се применува од страна на Општина Тетово и нејзините јавни претпријатија, иако државните органи не ја применуваат, поради што произлегува и потребата од постапка за нејзино укинување.

Исто така, покрај немањето согласност од Владата оспорената Одлука е спротивна на Законот бидејќи за одредени улици утврдила име користејќи странски јазик, а истото е испишано на кирилско писмо, иако и Уставот и Законот налагаат имињата на улиците да бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Оттаму, незаконски е улица да се вика „Конгреси и Манастирит“, или „Дешморет е комбит“, бидејќи истите се напишани на албански јазик, но на кирилско писмо. Правото на граѓаните кои се од малцинска заедница која е застапена со над 20% од населението името на улицата да биде испишано и на нејзиниот јазик е сосем друг тип на јазично право, но Законот е јасен и налага соодветна употреба на македонскиот јазик – се вели во известувањето.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top