Во турбулентни времиња, кога „мирот во светот“ е дискутабилна и ранлива тема, детските гласови се оние кои најмногу допираат до човечката душа. До возрасните, оние од кои зависи благосостојбата на децата.
Таква универзална и добродушна порака испратија дечињата од детскиот хор „Крешендо“ од Тетово, на синоќешниот концерт во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“. Насловен како „Новогодишна музичка магија“, концертот беше мелем за око и уво. Распеаните дечиња, предводени од вештите диригентки м-р Фотини Георгиадис Кировска и проф. Марија Пулковска Здравковска, изведоа 16 песни, која од која поубава. Пренесоа пораки за мир, здравје и среќа за сите деца во светот и ја оживеаја Новогодишната магија, со што ги потсетија Тетовци на вистинските трајни вредности.
Салата беше преполна, а погледите полни со восхит и љубов кон идните генерации кои носат голема доза надеж за подобро утре.
Придружени од докажани музичари од Тетово, како бенд, хорот „Крешендо“ нижеше бројни хитови, изведени со голем ентузијазам и подготвеност. Наградени со огромен аплауз, дечињата и нивните диригентки посакаа Среќна Нова Година и Новогодишни празници на публиката. Ова е втора година како хорот „Крешендо“ создава празнична, музичка атмосфера во Тетово, која според реакциите е и тоа како потребна во градот под Шара.


