„Гоце, ти живееш во секоја борба за слобода“ – одбележан патрониот празник на ООУ „Гоце Делчев“ – Тетово

Сподели:

ООУ „Гоце Делчев“ – Тетово со пригодна приредба го одбележа својот патронен празник.

Учениците презентираа одлично подготвени творби, изведби на песни, стихови, во чест на великанот Гоце Делчев. На самиот почеток од манифестацијата, присутните ги поздрави директорката на училиштето Бети Никлеска.

-Со голема чест и радост ве поздравувам во името на училиштето. По повод нашиот патронен празник, денес оддаваме почит на ликот и делото на Гоце Делчев – симбол на стремежот, знаењето и правдата. Иако веста за неговата смрт болно одекна меѓу народот, Гоце остана да живее во спомените, во песните, во книгите. Колку времето и да поминува, тој ќе ни станува сѐ поблизок, а неговата мисла сѐ поразбирлива. Неговите идеи не инспирираат да градиме општество засновано на почит и образование. Тие вредности сакаме да ги пренесеме на нашите ученици: љубов кон татковината, желба за учење, почитување на различностите. Нашите резултати покажуваат дека со заедничка работа, посветеност и визија, можеме да постигнеме многу и да бидеме достојни носители на името – истакна директорката во поздравниот говор.

-Гоце е жива легенда, народот за него испеал многу песни. Гоце знаеше – слободата не се дава, слободата се бара. Секој чекор, секој здив, секоја тајна порака, го правеше посилен, го правеше вечен во срцата на народот. Гоце, младост полна со пламен. Смртта можеше да го земе телото, но не можеше да го земе огнот, како завет што не згаснува со времето – истакнаа учениците во емотивното прикажување на величината на македонскиот деец.

На патрониот празник беа присутни поранешни директори на училиштето, соработници, наставници, родители.

На голем број соработници беа доделени и благодарници, меѓу кои и на „Плус форте радио“.

Училиштето секоја година сѐ подобро го организира патрониот празник, со богата програма на македонски и албански јазик и вложен труд, кој присутните секогаш го наградуваат со силен аплауз.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top