Во низата музички имиња и таленти од Тетово, се издвојува и младата Ивона Нацевска, која уште од мали нозе се вљубува во музиката и вредно работи на создавање успешна кариера.
За тоа говорат бројните настапи и проекти, а ова е само мал дел од биографијата на младата и талентирана Нацевска:
Ивона Нацевска е млада оперска пејачка, уметник, која својот талент, посветеност и љубов кон музиката ги покажува од рано детство. На своја 5 годишна возраст станува член на детскиот хор „Лале“ во Тетово, подоцна и во ГЖМХ „Менада“. Низ нејзиното музичко образование таа зема учества на концерти и многубројни натпревари во Македонија, Србија и Бугарија.
Нацевска е родена 1999 во Тетово и уште од најрана возраст започнува да ја изучува сериозната музика, најпрво како пијанист, посетувајќи го нејзиното нижо музичко училиште во градот „Тодор Скаловски“, а подоцна како вокален изведувач, поттикната од големите оперски изведувачи.
Водена од забава и љубопитност посетувајќи го детскиот хор „Лале“, Ивона со големо нетрпение влегува во светот на музиката. Дипломирањето на Ивона на Факултетот за музичка уметност во Скопје, е проследено со нејзин солистички концерт во фоајето на Македонска опера и балет.
Во текот на изминативе години Нацевска има остварено награди на меѓународни и државни натпревари. Голем белег, а воедно и почеток на нејзината кариера има оставено со нејзиниот концерт „Рецитал“, заедно со Андреј Наунов, поддржан од Македонска опера и балет, Министерство за култура и Дирекција за култура и уметност – Скопје.


Во 2023 година, има заеднички концерт со познатиот италијански пијанист Антони Чачо од Италија, во Македонска опера и балет – концерт поддржан од манифестацијата „Скопско Лето“.

Концерти посветени на руската романса во Софија (Бугарија), оперски гала концерт „Коста Трпков“, концерт на „Живеј со музика“, „Креативни точки“ – 2017, „Креативни точки“ – 2019, “Алконост“, се само дел од настаните на кои Нацевска има оставено свој белег, а упорно чекори и тежнее кон поголеми музички остварувања.





Ивона Нацевска моментално е вработена во хорот на Македонска опера и балет.
Нацевска, одвојува време и за своето хоби. Имено, таа е и фото модел, која во слободно време се занимава и со таа област, со оглед на нејзината сценска харизма, која одлично се вклопува во сите активности што Нацевска ги реализира.




