Интервју со д-р Илчо Ефкоски: Најголемиот дел од здравствените проблеми – резултат на аерозагадувањето

Сподели:

Аерозагадувањето претставува сериозен предизвикувач на здравствените проблеми на населението во земјава. Македонија, речиси секојдневно се наоѓа во првите 10 најзагадени земји во светот. Според Европската агенција за животна средина, земјата има највисока стапка на смртност поради изложеност на ПМ2.5 честички, со 303 смртни случаи на 100.000 жители.

Според податоците од Институтот за јавно здравје, пак, изложеноста на загаден воздух е значаен фактор за развој на кардиоваскуларни болести (КВБ), кои се водечка причина за смртност на глобално ниво. Годишно, КВБ предизвикуваат над 20,5 милиони смртни случаи, од кои 85% се резултат на срцев удар и мозочен удар. Повеќе од 75% од овие смртни случаи се случуваат во земји со ниски и средни приходи, вклучувајќи ја и Македонија.

И лекарите укажуваат на сериозноста на проблемот со аерозагадувањето и потребата од итни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на јавното здравје. Во таа насока, разговаравме со д-р Илчо Ефкоски, специјалист по медицина на труд. Д-р Ефкоски, информира каква е состојбата во пракса, односно колку пациенти се жалат на проблеми предизвикани од загадувањето и колку целокупната состојба влијае на здравјето на граѓаните. Во продолжение, целото интервју со д-р Ефкоски.

Д-р Илчо Ефкоски, специјалист по медицина на трудот/„Медика центре“ Тетово

Сведоци сме на долготрајно загадување на воздухот во цела држава, особено во Тетово и околината. Иако постојано се потенцира колку е штетно влијанието врз здравјето, со што всушност се соочуваме? Дали токму на аерозагадувањето можеме да го припишеме најголемиот дел од здравствените проблеми?

Аерозагадувањето е сериозен предизвик за здравјето на луѓето, особено во градови какоТетово. Токсичните честички кои се наоѓаат во воздухот можат да предизвикаат низа здравствени проблеми и да го влошат здравјето, како респираторни заболувања (астма, хрониченбронхитис итн), срцеви заболувања, заболувања на крвните садови, но и многудруги. Најголемиот дел од здравствените проблеми може да се препишат токму на аерозагадувањето, но постојат и други фактори кои го влошуваат здравјето, како што се нездравата исхрана, недостатокот на физичка активност итн.

Со какви проблеми најчесто се обраќаат пациентите кај лекарите? Која возрасна група е најзастапена?

Најчесто деновиве пациентите се жалат на симтоми како сува кашлица,температура,болка во грлото,отежнато дишење,а најчести хронични се лицата со астма и хроничен бронхитис. Најчесто се забележуваат децата, а веднаш по нив повозрасни лица, но се чести и помладите возрасни групи. Грубо кажано, моментално мислам дека не постои возрасна група која не е засегната.

Освен хроничните болни, дали и децата се ранлива категорија?

Да, децата се особено ранлива категорија. Заради нивниот развој на респираторниот систем и повисока подложност на инфекции, аерозагадувањето може да има сериозни ефекти на нивното здравје, како што се чести инфекции нa дишните патишта,развој или влошување на астма, како и нарушен развој на белите дробови.

Некои граѓани работат во услови на екстремна загаденост: на отворен простор, во фабрики и слично. Дали е задолжително извршување проценка на ризик на работно место за ова прашање и кои се насоките во тој поглед?

Задолжително е извршување на проценка на изложеност на ризици за секое работно место, без разлика дали постои загаденост. Работниците кои се изложени на високи нивоа на аерозагадување, треба соодветно на проценката да бидат заштитени со соодветна опрема и облека, како што се маски и филтри кои се последната заштитна мерка.Прегледот на работникот за работната способност во медицина на труд (пример во Медика Центре Тетово),има за цел да ги идентификува потенцијалните здравствени проблеми предизвикани од работните услови, како и да понуди препораки за превенција и минимизирање на ризиците од изложеност на опасности, како што е аерозагадувањето.Приодот е секогаш индивидуален,зошто секое работно место носи свои карактеристики.

Како да се заштитиме? Има ли начин за намалување на ефектите од аерозагадувањето, кога тоа е постојан проблем и реално не се преземаат доволно мерки од надлежните?

За да се заштитиме од ефектите на аерозагадувањето, важно е да се носат заштитни маски во високо загадени области, особено доколку сте ранлива категорија, да се избегнуваат активности на отворено кога воздухот е најзагаден, како и да се инвестира во филтри за воздух во домовите. Иако проблемот е глобален и надлежните институции не преземаат доволно мерки, важно е и индивидуално да се свртиме кон еколошки решенија, како што е употребата на помалку загадувачки средства и поттикнување на чиста енергија.

Иако точни статистики за бројот на смртни случаи директно поврзани со аерозагадувањето во Македонија не се достапни, познато е дека загадувањето на воздухот значително придонесува за зголемување на морбидитетот и морталитетот од КВБ и други хронични заболувања. Според Светската здравствена организација, 1,6 милијарди работници ширум светот се изложени на загадување на воздухот на работното место, што резултира со до 860.000 смртни случаи поврзани со работата, меѓу работниците на отворено, на годишно ниво.

Нова студија пак, спроведена од Универзитетот за технологија во Сиднеј, тврди дека долготрајната изложеност на нивоата на загадување на воздухот поврзано со сообраќајниот метеж, му штети на црниот дроб и може да го зголеми ризикот од метаболички асоцирани масни заболувања на црниот дроб. Односно, иако генерално загадувањето на воздухот е штетно за белите дробови на луѓето и респираторниот систем, сепак научниците тврдат дека има пошироко влијание врз здравјето.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top