Колумна „Паничен напад“: „Smoke on the water“ – во Тетово без „on the water“

Сподели:

Мислев дека можеш да одиш во само три ПМ. Ама нас во Тетово, а богами и во Скопје, изгледа некој постојано не праќа во ПМ. Некогаш во ПМ10, некогаш ПМ2.5. Низа зими по ред, не можеме ниту да излеземе од таму. И иако секогаш се тврдело дека е многу убаво и топло во ПМ, лекарите велат дека тоа воопшто не е здраво! Нашиве ПМ да ти предизвикувале иритирање на дишни патишта, инфекции на респираторен систем, развој на хронични заболувања и зголемен ризик од смртност!

Па добро бре, 10 години наназад Тетово е како опседнат град (колку што ме држи меморијата). Да не знаев дека сум во Тетово, ќе мислев дека сум во сцена од хорор филмот „Магла“. Морничаво е комплимент. Не можеш да земеш здив, ако одиш побрзо, слободно може да си умреш од гушење, оти срцето ќе ти излезе низ уста, ако носиш маска и си среќник како мене со диоптер, ем се давиш во маската, ем очилата ти се замаглуваат, поим немаш каде одиш, комотно може некој автомобил да те „собере“ од некаде – ма, милина!

Ииии, ете ти паничен напад. Срцебиење, вртоглавица, загриженост, страв – во еден дел заради тоа што го гледаш околу себе, во друг дел заради тоталната незаинтересираност на „надлежните“ за решавање на овој проблем. Како е можно толку време да не ве интересира ова? Не ви е некако како „незгодно“? Па, после една деценија и улав ќе рече: „Чекај бре, стварно е одвратно, нешто да направиме“! Па и вие го дишете овој воздух, алооо…Или вашите деца со кислородна боца ги праќате надвор?

Ај па тие што се незаинтересирани, нас граѓаниве исто како да не не допира ова лудило. Ќе си објавиме по едно статусЧЕ на „Фејсбук“, ќе си речеме: „Леле, не се диши!“ и толку! Никому ништо. Толку ли е надмината границата на абнормални работи во ова општество, што сето ова ни станало нормално? Не можам никако да разберам, како нема ниту тронка храброст и волја кај било кој од нас, да крене глас и да преземе нешто? Под преземање мислам на силно негодување во форма на протест. Не протест со испланирана рута за марш низ градот и одење на кафе после тоа. Масовен, истраен протест кој ќе го блокира секојдневното функционирање на градот. Блокирани улици, блокирани институции, бојкотирање настава, бојкотирање работни задачи – сите до еден на улица! И нема одење дома додека не се преземе потребното. Да, звучи многу „филмски“, нереално, бара голема жртва и некако се нема желба за тоа. Зошто жртвата тивко да си умираме е помалку страшна од тоа да излеземе на улица, за да се подобри нешто во овој град и земја.

Добивам паничен напад од таа помисла. Имам паничен напад кога ќе се сетам на таа апатичност. Добивам паничен напад кога ќе ми текне колку пари се ставаат во џеб, а љуѓе умираат секој ден, без никому око да му трепне. Ме фаќа паника кога ќе помислам дека надвор нема воздух! Водуууууух неееемаааа! Кој живее без воздух на веков? Па, да беше некоја друга држава во прашање и да се случуваше нешто вакво – и старо и младо ќе беше на улица. Зарем не сме слушнале милион пати за немири таму и таму, зошто цел народ е на улица да искаже незадоволство? Зарем толку ништо не не допира? Ако аерозагадувањето е една од водечките причини за смртност на населението, па добро, што друго треба да се утврди, за да ни текне дека работава е и тоа како сериозна? И ова не е од вчера, со години се давиме во чад и смрдеа. Ме фаќа паника и тоа што многумина „мува не ги лази“, па и уште лабаво си горат што ќе стигнат по дома, за фабриките ич муабет да не правиме – колку ништо не се почитува. Стандарди, пффф! Екологија и заштита на животна средина, пффф! Каков закон бре, паричките во џеб и чао…Ви е гајле вам, обезбедени сте си, станче во Солун, хациенда на планина во Швајцарија, сметка во банка во мајчина…Ако згусне, „пут под ноѓе“…

А најмногу ме фаќа паника кога ќе ми светне сијаличката во главата и ќе сфатам дека дури и да се има волја, пустиот масовен протест можеби е и невозможен. Оти нема кој да го спроведе. Нема луѓе. Си заминаа. Младо, старо, деца, другари, роднини…Нема кој да се бори. Ме фаќа паника, зошто иако ова место живее хаотично и постојано е со гужви, всушност, ова е град на духови.

Маја Перац

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top