Од Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово со реакција за интервјуто на градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, во емисијата „360“ на МТВ 1.
Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:
„Билал Касами во вчерашното интервју за емисијата ,,360″ на МТВ 1 изјави дека го запира процесот на преименување на имиња на улиците во Тетово, поради законската забрана ваква промена да се носи помалку од шест месеци пред изборите, а дека истиот ќе продолжи после изборите, во кои се надева на втор мандат.
Притоа за досегашниот процес вели дека поминувал одлично и дека се соочувале со мали проблеми, а дека разликите со ВМРО-ДПМНЕ за истото се само прашање на дефиниција.
Ова е чиста манипулација и навреда за здравиот разум на граѓаните. Процесот беше целосно бојкотиран од граѓаните и делегитимиран.
Владеачката ВМРО-ДПМНЕ изјави дека нема да поддржи промена на име на улица именувана по антифашистички херој, празник или настан, а опозициската СДСМ ја напушти комисијата која го води процесот, согласно што нема квалификувано мнозинство во Советот.
Следниве шест месеци граѓаните не смеат да ги заборават изјавите, изливите и испадите на национализам на Билал Касами.
Дополнително ги повикуваме граѓаните и новинарите да го проследат посоченото интервју на Билал Касами, бидејќи таму има многу работи кои исто така следниве шест месеци добро е да ги паметиме, особено за тоа како актуелниот градоначалник желен за втор мандат ја разбира законитоста, дивоградбите, јавниот интерес и слично.
Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово“.
Кон оваа реакција се приклучуваат и од иницијативата „Тетово сака парк“:
-Градоначалникот на Тетово дури на крајот на својот мандат дознал дека земјиштето опфатено со ШИК „Јелак“ е доминантно државно, па затоа сега таму најавува изградба на јавни згради за потребите на општината и на други државни институции, а поголемиот дел ќе било парк. Добро е што „дознал“ за сопственоста на земјиштето, но за жал сè уште не сфатил што е вистински парк, а што е зеленило помеѓу згради.
Па да му објасниме по 100-ти пат:
Зеленило меѓу јавни или станбени згради не е парк. Парк е целовита површина поголема од еден хектар, со добро оформена градска шума, поставени клупи и друга урбана опрема, содржини за рекреација и спорт, евентуално и водени површини, тој е простор сам за себе, доволен за долга прошетка, трчање или рекреирање, простор доволно голем во кој не се слуша градската врева.
Парк се формира со измени на ГУП и впишување основна намена Д (паркови и зеленило) и се разработува во ДУП. Парк не се гради со урбанистички план со основна намена соодветна за згради и со предвидување на зеленило меѓу зградите. Вчеравечер гостувајќи во емисија на МТВ 1 Касами даде загрижувачки изјави и во однос на дивоградбите низ градот, особено во време во кое државата борбата со корупцијата ја истакнува како топ приоритет.
Градоначалникот притоа вели дека тој ги штити бизнисите и дека иако некој добил одобрение за четири ката, а изградил осум, тој е посветен да им најде решение на инвеститорите. Ова не е заштита на бизнисите туку на урбаната мафија!

фото извор: Касами во интервју за „360“ на МТВ 1/ YouTube screenshot
Според Законот за градење, сето она што е изградено надвор од веќе определените урбанистички услови за градба, е бесправно градење и претставува кривично дело. За тоа не може и не смее градоначалник да се обидува да најде решение, туку е должен таквото поведение, штом веќе го забележал, само да го пријави на други институции, на пример во МВР или ЈО.
Исто така, тој вели дека порано парите од нелегално изградените спратови оделе во нечии џебови, сега општината тоа го инкасира како комуналии. Бидејќи комуналии не се плаќаат на нелегално изградени објекти, каде сепак завршуваат парите потребни да се премолчи кривичното дело „бесправна градба“ за кое е предвидена затворска казна?
Во споменатото интервју градоначалникот јавно призна и дека само на хартија го реконструира и реновира Градскиот стадион своевремено изграден од Волнарскиот комбинат „Тодор Циповски-Мерџан“ и ФК Тетекс, а дека истиот ќе го сруши и ќе изгради нов. Стадионот е сопственост на државата и ваквиот акт е уништување на државен имот без преседан. Законот точно утврдил што претставува реконструирање. Секој друг тип на зафат различен од тој на хартија, исто така станува предмет на кривично дело – се вели во соопштението на иницијативата.