Повеќе од театар: Летечка театарска трупа – извор на млади таленти и магија на сцената

Сподели:

Летечката театарска трупа (ЛТТ) со години ја носи магијата на театарот пред публиката.

Имено, драмско студио – Летечка театарска трупа (ЛТТ) е формирана во 2008 година како неформална организација, наследник на Детското драмско студио формирано во седумдесетите години од минатиот век. Регистрирана е како здружение на независни уметници во 2018 година.

ЛТТ ги продолжува театарските традиции на контиунирано театарско творештво на својата матична сцена во Тетово, но и низ Македонија и во светот. Уметничката магија е во уникатноста на нејзините театарски претстави што се еднакво интересни како за деца, така и за млади и возрасни и секогаш наидуваат на огромен интерес кај публиката од сите возрасти.

Летечката театарска трупа со своето големо театарско искуство прерасна во локален уметнички бренд, со кој публиката е сигурна дека ја очекува добра и квалитетна театарска забава. Во својот ансамбл ЛТТ во моментов има речиси 40 актери распоредени во две групи што подготвуваат театарски претстави за деца од претшколска возраст, ученици во основното образование, како и за млади и возрасни.

Досега има изведено 27 премиери и повеќе од 409 репризи на своите театарски претстави пред повеќе од 32 000 публика низ Македонија и во странство и е пример за негување на театарската уметност кај децата и младите. Со своите претстави редовно гостува во реномирани државни театри во земјата.

Добитник е на награди, благодарници и признанија. Најновата награда е Гран-при и награда за најдобра режија на меѓународниот фестивал ДАФ во Кочани за театарската претстава „Момчето со пругасти пижами“. Истата претстава учествуваше и на меѓународниот „Фестивал на фестивалите“ во Требиње, БиХ, каде Владимир Јованоски ја доби наградата за најдобра главна машка улога, а Мелиса Ценовска Серафимовска за најдобра главна женска улога.

Театарската претстава „Црвенкапа“ во режија на Зоран Јованоски беше прогласена за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци на фестивалот „ДАФ“ во 2023 година.

Претходно ЛТТ освои две награди при учеството на театарскиот фестивал за деца и млади „Малиот Принц“ во октомври 2022 г. во организација на НУ ЦК „Ацо Шопов“ – Штип каде актерот Владимир Јованоски ја доби наградата за актер на вечерта, а претставата „Последната битка“ ја доби наградата од детското жири за најдобра детска тетарска претстава на фестивалот.

ЛТТ е добитник на девет високи награди на државниот фестивал „ДАФ“ и тоа „Најдобра детска претстава“ и „Најдобра режија“ во 2018 г., како и наградите за двајца наши актери за најдобра споредна машка и најдобра споредна женска улога. Претходно, „Специјална награда за детска претстава “ во 2008 г., „Специјално признание за детска претстава“ во 2009 г., „Награда за најдобра престава за деца“ и „Награда за севкупна театарска игра“ во 2011 г.

ЛТТ на почетокот на 2018 г. ја изведе својата прва светска турнеја со гостувањето во Канада каде прикажа две претстави со пет репризи. Во 2019 г. оствари нова турнеја во Канада и САД каде прикажа две претстави со седум прикажувања.

Воедно, како општествено одговорна организација, актерите редовно играт претстави во хуманитарни и добротворни цели.

Летечката театарска трупа (ЛТТ) претставува вистинска културна ризница за Тетово, бидејќи преку своите претстави негува љубов кон театарот кај најмладите генерации и создава простор каде што децата и младите растат со култура, креативност и критичка мисла. Со речиси пет децении континуитет, ЛТТ не е само театарска група, туку двигател на културниот живот во градот, инспирација за нови таленти и гаранција дека сценската уметност останува жива и достапна за сите.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top