Во текот на вчерашниот ден, околу 18.35 часот во СВР Тетово, жител од с.Тумчевиште, гостиварско, пријавил дека во водите на река Вардар, во атарот на с.Чегране, во близина на мостот, забележал човечко тело, информираат од СВР Тетово.
Телото било извадено од водата од страна на Територијалната противпожарна единица Гостивар и по наредба на јавен обвинител е дадено на обдукција.
Од билтенот на СВР Тетово, информираат и за приведен 21-годишник од Тетово, кај кој била пронајдена марихуана. Приведен бил и возач од Тетово, кој управувал возило со брзина од 111 км на час на место каде е дозволено 50 км на час.
36-годишник од Тетово пак, поднел пријава против сопственик на тобако, бидејќи кај својот 13-годишен син пронашол шише со алкохол, кое го купил во тобакото.
Од СВР Тетово информираат и за сообраќајна несреќа на улица „Киро Ристоски– Дрнц“ во Тетово, помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 59годишник од с.Шипковица, тетовско и електричен тротинет, управуван од малолетник од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Клиничката болница Тетово.
Вчера била извршена и контрола на возачи на подрачјето на СВР Тетово. При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 82 возачи (ТЕ-48 и ГВ-34) за пречекорување на максимално дозволена брзина. Исто така биле санкционирани и 8 (ТЕ) возачи кои управувале возило без да положат возачки испит, како и 15 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-10 и ГВ-5).
-Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја прилагодат брзината според условите на патот, односно да ја прилагодат според ограничувањата пропишани со закон и сообраќајни знаци, да ги паркираат нивните возила само на места наменети за тоа и на тој начин најнепосредно да придонесат за нормален и проточен сообраќај, и за личната безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот – апелираат од СВР Тетово.