Од Сојузот на борци на НОАВМ и граѓани продолжувачи Тетово со реакција на изјавата на Б. Касами од 24.07.2025:
-Појаснуваме и нагласуваме дека единствен консензус за име на нова улица во градот Тетово може да се бара преку почитувањето на асномските темели на Македонија и антифашизмот како тетовски, македонски и глобален идеал. За преименување на постоечки имиња на улици не смее да стане ни збор. Притоа напоменуваме дека улици од помала важност на маргините на градот и не треба да имаат име, туку број, а тоа е во согласност со Законот.
Касами невешто повторно зборува за запрениот процес за именување на улици, сега прикажувајќи нешто сосем различно од бројните негови изјави кои не натераа бурно да реагираме. Не смее да се заборави дека тој хероите од македонската антифашистичка, народноослободителна и државотворна борба ги нарече темно минато кое мора да се заборави. Убедени сме дека доколку биде во можност, повторно ќе посегне по истото. Доколку не е така, редно е да се извини!
Сега кога сме на прагот на локалните избори попусто е политичари на кои им доминираат лични интереси и кукавици зад лажните профили на социјалните медиуми да се обидуваат да го изменат нашето сеќавање и да ја манипулираат јавноста.
Општеството созрева, а граѓаните јасно кажуваат НЕ! – се вели во реакцијата.