Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово со остра реакција за закажаната јавна дебата од Општина Тетово, за 4-ти април (15 часот).
Имено од Сојузот на борци Тетово велат дека се работи за „претстава во која ќе глумат јавна дебата“. Целата реакција во продолжение:
„Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово, апелира до граѓаните, политичките партии, граѓанските здруженија, клубови и сите други облици на општествено здружување, да го бојкотираат лажниот, неискрен и опасен процес на промена на имиња на улици во градот Тетово, отпочнат и воден од Општина Тетово и градоначалникот Биљал Касами.
Во петок, на 04.04.2025 година, сценаристите имаат закажано претстава во која ќе глумат јавна дебата, во која очекуваат граѓаните да бидат статисти. Знаеме дека предлогот е одамна на бирото на Касами и оваа националистичка глума е обична фарса.
Не поминува!
Сите сме свесни за вашиот демократски капациет Касами. Процес во кој уште на самиот почеток, хероите од антифашистичката коалиција, лично од Касами беа претставени како личности од темното минато. Не заслужува поддршка и учество од ниту еден разумен, совесен и искрен патриот. Очекуваме советниците од Македонска националност кои го формираат потребното квалификувано мнозинство за одлуката за промена на имиња на улици, а досега не отстапија од процесот, веднаш, без одоолговлекување јавно да се повлечат од процесот и истиот да пропадне во вода.
Повикуваме на будност и поддршка од државниот врв и лидерствата на парламентарните партии, научните институции и медиумски куќи. Сојузот на борци од НОАВМ и продолжувачи Тетово, дава отпор на овој груб обид за историски ревизионизам. Сепак, не е фер толку важна битка да биде оставена само на наш грб“ – стои во соопштението.