По најавите на Општина Тетово за повторно градење на Саат кулата од Османлискиот период во Тетово, од Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово со реакција за потегот.
-Додека вистинското градско архитектонско културно наследство пропаѓа, Општина Тетово воскреснува објекти од Османлиската империја. Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово, упатува јавна реакција за да се спречи премолчено од сите општествени и политички фактори да се развива погрешна политика во третманот на културното наследство во градот Тетово.
Во моментов ни пропаѓаат Старата пошта, заштитените куќи на ул. Кузман Јосифивски Питу, ул. Страшо Пинџур, ул. Радован Цониќ, Арабати Баба Теќе, фрескописот во црквата Св. Никола, а Центарот за култура ,,Иљо Антески Смок” особено во фасадниот дел е во очајна состојба, притоа се заканува рушење на култниот Ловец, а Монопол е речиси целосно срушен, фасадите на градскиот трговски центар и пазарот ги менува кој како сака, се префарбуваат муралите на Павле Кузмановски во јавните објекти…
Општина Тетово ваквата очајна состојба во третманот на градското архитектонско и културно наследство, го пресретнува со најава за подигнување на Саат кула, на местото на таква срушена кула од времето на Османлиите. Секоја совесна власт би алоцирала интервентен фонд или би вршела притисок на институциите, за подобрување на состојбата и преземање на мерки за непосредна заштита.
Пред неколку месеци градоначалникот изјави дека хероите партизани се дел од темното минато. Прашуваме какво е минатото под османлиска власт? Од кога објекти кои потсетуваат на петте века проследени со насилна асимилација се вредни за славење и треба да даваат смисла на современо Тетово, во момент кога вистинското културно наследство се рони пред наши очи?
Живееме во време на хипокризија, извитоперени светогледи, манипулативна кусогледа политика која ништо не решава, туку се труди да ја потисне интелигенцијата од јавната сфера.
Ја повикуваме јавноста, политичките субјекти и особено членовите на Советот на општината да го прекинат молкот за важните прашања за градот – се вели во реакцијата на Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово.
Линк до објавата во јавната група „Го љубим Тетоо“ на „Фејсбук“, со стара фотографија од изгледот на некогашната Саат кула (објава на Дарко Гавроски – Гавро).

