„Тетово сака парк“: Касами го раздава идеалниот простор за парк, небаре е негова лична сопственост

Сподели:

Од иницијативата „Тетово сака парк“ со реакција. Имено, тие на официјалната „Фејсбук“ страница истакнаа дека градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами на крајот на својот мандат, како што велат, „го раздава идеалниот простор за парк“.

Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

„Вистината секогаш излегува на виделина – Касами на крајот на својот мандат го раздава идеалниот простор за парк, небаре е негова лична сопственост!
Иницијативата „Тетово сака парк” предлагаше за просторот на поранешниот „Монопол“ да се изменат Генералниот и Деталниот урбанистички план и да се утврди намена Д – паркови и зеленило. Ваква одлука носи Советот на општината и за таа постапка ќе беа потрошени 0 денари. Потоа постепено во неколку чекори фазно ќе се водеше постапка и ќе се изградеше градскиот парк како општоприфатена најголема потреба на граѓаните за спорт, рекреација и социјализација.

Општината тогаш немаше слух, немаше волја и даваше разноразни контрадикторни и неосновани изговори за неприфаќањето на нашиот предлог.

Кон крајот на 2024 година Советот на Општина Тетово ги променил Генералниот и Деталниот урбанистички план за просторот на тетовскиот „Монопол“, но не за да предвиди парк, туку за да се овозможи изградба на станбени згради за околу 2.000 станови. Веднаш потоа државното земјиште е отуѓено, односно продадено на поединци за смешни 7.000 евра.

Биљал Касами не кажува аргумент зошто мнозинството во Советот на Општината ги изменило плановите, и како тоа тој го дозволил. Работа на градоначалникот и советниците не е грижата за приватниот капитал на градежниците и урбаната мафија, туку за јавниот и заеднички интерес на луѓето. Туѓите грешки од 2014 година, не се оправдување за денешните фатални грешки.

Кога гласно кажувавме дека најголем дел од опфатот на предлогот е државно земјиште Општината и Касами тоа неосновано го негираа. Кога предупредувавме дека се сомневаме дека зад ваквото неприфаќање на нашиот предлог се кријат лукративни мотиви, Биљал Касами измислуваше непотребни националистички провокации. Кога предупредувавме дека е последна можност сите граѓани да добијат зелен јавен простор, наместо неколкумина да свртат милиони на грбот на јавното добро Биљал Касами и дел од советниците нѐ игнорираа и нѐ обвинуваа дека имаме други мотиви и цели, а не градење на парк.

На крајот се покажува дека не сме биле ние тие кои сме имале скриени мотиви за нашиот предлог, туку некој друг имал свои скриени мотиви за неговото неприфаќање. Во крајна линија, градење на парк не генерира профит – а од друга страна градењето на станбени згради генерира огромен профит – па јасно е сѐ.

Инаку, во неговите последни коментари на темата, Касами повторно споменува можност за градење на парк кај Касарната, обидувајќи се да го префрли фокусот, иако цврсто стоиме на нашиот стручен став дека најсоодветна и најадекватна локација е онаа од нашиот предлог, а која за жал веќе се раздава и гради.

Апелираме до советниците, пред да биде предоцна, веднаш да се суспендираат одлуките за промена на ГУП и ДУП за просторот на тетовски „Монопол“ и да се интензивира процесот на изработка на нов, современ Генерален урбанистички план за Тетово, процес кој е во тек, но се одолговлекува. Притоа бараме да се вклучи вистинска стручна и општа јавност, а не да се тактизира во сомнителен, неинклузивен процес во интерес на нечиј џеб. Додека не се усвои нов Генерален урбанистички план апелираме да престане парцијалното менување на ГУП и носење на изменети детални планови, бидејќи од далеку се гледа огромната штета по јавниот интерес која се предизвикува за некој да се богати.

Тетово сè уште сака парк!
Луѓето пред капиталот!“

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top