Зошто овие филмски наслови станаа дел од култната поп-култура?
Филмовите несомнено се една од најсаканите уметности од масовната публика. Уште во минатото, кино салите и гледањето филмови на голем екран биле вистинско доживување за вљубениците во оваа уметност. И ден денес, гледањето филмови е една од омилените забавни активности за многумина, а развојот на технологијата нуди најразлични опции за достапноста на филмските наслови до гледачите.
Секој гледач има одреден вкус во однос на тоа што му се допаѓа, кој жанр го преферира, но постојат неколку филмски наслови кои оставиле белег во индустријата, како култни приказни, кои и години по нивното објавување, се дел од репертоарите на гледачите. Во продолжение ви ги нудиме 10-те култни филмови, од врвни режисери и се разбира – докажани актери и актерки.
1. Пеколен портокал
Ова дело на легендарниот Стенли Кјубрик, е креиран во 1971 година, а е создаден според истоимениот роман на Ентони Бурџис од 1962 година. Главната улога ја толкува Малком Мекдауел.
Филмот ја истражува позадината на младинските банди и социјалниот елемент во нивното однесување. Дејството на филмот се одвива во Англија во 1995 година, а го следи животот на тинејџерот Алекс ДеЛарџ, кој најмногу ужива во класична музика, посебно во онаа на Бетовен, како и вршење насилство и малтретирање врз други луѓе.
Во 1972 година, филмот бил номиниран за „Оскар“ во четири категории: најдобар филм, режија, монтажа и адаптирано сценарио, истата година имал и три номинации за „Златен глобус“, а следната година имал седум номинации за „БАФТА“. Покрај другите награди, во 1972 година, филмот бил прогласен за најдобар странски филм на Венецијанскиот филмски фестивал.
2. Палп фикшн
Во ова ремек дело на Квентин Тарантино, главните улоги ги толкуваат ЏОн Траволта, Ума Турман и Семјуел Л. Џексон. Животот на двајца припадници на мафија, боксер, гангстер и неговата сопруга и останати бандити, се испреплетува во четири приказни исполнети со насилство.
Како и во останатите филмови на Тарантино, во центар е нелинеарната работа на режисерот, електичните дијалози, ироничниот хумор и референци од филмови и популарна култура. Номиниран бил за седум Оскари, вклучувајќи ја и категоријата „најдобар филм“. Насловот на филмот се однесува на шунд списанијата и криминалистичките романи од средината на 20-от век, познати по сликовитите описи на насилство. Критичарите често го нарекуваат ова дело како прв пример за постмодернистички филм.
3. Боречки клуб
Дејвид Финчер се потпишува како режисер на овој култен филм. И ова дело е адаптација на роман со истото име, чиј автор е Чак Паленик. Биле земени предвид големи Холивудски имиња за да ги толкуваат главните улоги во филмот, за на крајот да ги добијат Едвард Нортон, Бред Пит и Хелена Бонам Картер.
Финчер го опишал филмот како црна комедија која применува тешка сатира. Тематски, филмот бил наменет да го прикаже конфликтот меѓу генерацијата на млади луѓе и вредносниот систем на маркетингот. Безимениот протагонист, портретиран од Едвард Нортон, е обична личност во која публиката треба лесно да се препознае, а претставува и компромитиран (несигурен) раскажувач на приказната кој се вмешува со Тајлер Дурдејн (Бред Пит) и е во конфликтен љубовен триаголник со Дурден и Марла Сингер (Хелена Бонхем Картер). Публиката и ден денес се воодушевува на драматичниот крај и пресврт на „Боречки клуб“.
4. Убиј го Бил
Уште едно од ремек делата на Квентин тарантино, каде што главната улога повторно и припаѓа на Ума Турман. Издаден е како два дела – во есента 2003 и пролетта 2004 година.
Филмот претставува драма за одмазда со епички размери, заснован на поранешни филмски жанрови како што се хонгконшките боречки филмови, јапонските самурајски филмови и италијанските шпагети вестерни. Филмот е исполнет со популарна музика, постојани наводи на поп-културата и намерно прекумерно насилство, во стилот на Тарантино.
5. Касапски кучиња
Ова е всушност дебитантскиот филм на Тарантино, чија премиера беше во 1992 година. Филмот го прикажува она што се случува пред и по пропаднатиот вооружен грабеж во продавница за накит, но не и самиот чин на кражбата. Харви Кител, Тим Рот, Мајкл Медсен, Крис Пен, Стив Бушеми и Лоренс Тиерни се дел од актерската екипа во првенче на Тарантино. Се разбира дека и на самиот почеток од режирањето, Тарантино ги вметнува неговите заштитни знаци: насилен криминал, поп-култура, впечатливи дијалози, вулгарности и нелинеарно раскажување на приказните. Филмот е култен и се смета за класика на независните филмови воопшто.
6. Дони Дарко
„Дони Дарко“ е дело од поново време, односно својата премиера ја имаше во 2001 година. Има елементи на драма, но се карактеризира и како мешавина од психолошки трилер и научна фантастика. Режијата е на Ричард Кели, а главната улога ја толкува Џејк Џиленхал. Насловниот лик (Џиленхал) е интелигентен, но растроен тинејџер кој има визии за антропоморфен зајак кој го води во низа бизарни случки, со цел да го спаси светот од уништување. Филмот нуди и филозофски гледишта и е доста комплексно дело.
7. Лице со лузна
Ова е американски филм од 1983. режиран од Брајан де Палма, а приказната ја напишал Оливер Стоун. Филмот го следи искачувањето и падот на гангстерот Тони Монтана, кој како сиромашен кубански имигрант доаѓа во Флорида и започнува да гради криминална кариера, полека преземајќи ја локалната трговија со дрога. Базиран е на животот на Ал Капоне, а филмот стекна голема популарност и стана елемент од поп културата. Во главната улога се појавува легендарниот актер Ал Пачино.
8. Блејд Ранер
Ова култно дело е од жанрот на научната фантастика, а негов режисер е Ридли Скот. Премиерата на филмот е од 1982 година. Заснован е на романот „Сонуваат ли андроидите електрични овци“ од Филип К. Дик. Главната улога ја толкува Харисон Форд, а покрај него се појавуваар и Рутгер Хауер, Шон Јанг, Едвард Џејмс Олмос и Дерил Хана.
Филмот го прикажува дистопискиот Лос Анџелес, во ноември 2019 година, во кој генетички создадените битија, наречени репликанти, кои визуелно не се разликуваат од возрасен човек, се користат за опасни работи на Земјините надворешни колонии.
9. Големиот Лебовски
Големиот Лебовски е американски филм на режисерите Џоел и Итан Коен, а главните улоги ги толкуваат Џеф Бриџис, Џон Гудман и Џулиен Мур.[1]
Џеф Лебовски е поранешен радикален хипик, кој го минува животот во куглана, заедно со своето друштво, пушејќи марихуана. Но, неговиот живот се менува драстично, кога случајно ќе го помешаат со еден пропаднат милионер, чија жена направила големи долгови кои некој мора да ги плати. Затоа, Џеф оди кај вистинскиот Лебовски за да го расчисти недоразбирањето, но тогаш му се случуваат неочекувани и бизарни случки.
10. Страв и омраза во Лас Вегас
„Страв и омраза во Лас Вегас“ е американска црна комедија и авантуристички филм од 1998 година заснован на истоимениот роман на Хантер С. Томпсон. Сценариото и режијата му припаѓаат на Тери Гилијам, а главните улоги ги толкуваат Џони Деп и Бенисио дел Торо како Раул Дјук и д-р Гонзо. Филмот го прикажува патувањето на овие двајца ликови низ Лас Вегас. Првично, тие како новинари сакаат да го истражуваат градот, но се соочуваат со низа ситуации додека се под влијание на психоактивни супстанции.
Овој филм иако добил поларизирачки критики од филмските критичари и доживеал финансиски неуспех на почетокот, сепак прераснал во култен заради необичната приказна која ја прикажува и неверојатната презентација на ликовите од страна на Деп и Дел Торо.