100 години вредности, за 100 години иднина – ПК „Љуботен“ одбележа 100 години постоење

Сподели:

Емоции, спомени, овации, љубов кон планината, љубов кон „Љуботен“ – вака може да се сумира манифестацијата по повод одбележување јубилејни 100 години постоење на Планинарскиот клуб „Љуботен“, во преполната сала на ЦК „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.

Свеченоста започна со маестрална изведба на химната на Македонија од страна на Градскиот мешан хор „Балтепе“ под диригентска палка на маестра Јасмина Ѓорѓеска-Каро. Ова беше и нивно деби пред тетовската публика, која ја оставија без здив.

Следуваа низа обраќања: на претседателот на клубот Јован Божиноски, претседателот на Федерацијата за планинарство на С. Македонија, како и на претседателката на Р. С. Македонија, г-ѓа Гордана Силјановска Давкова, која е и еден од покровителите на манифестацијата.

-Во овие 100 години кои ги одбележуваме не се само генерации на Тетово и тетовско, кои внесуваа љубов и даваа дел од своето време. ПК „Љуботен“ имаше една тивка, но огромна и одговорна мисија. Клубот со своите активности имаше мисија да ја пропагира убавината на Шар Планина и планините воопшто. Едуцираше за здравиот живот на планините и природата и колку е потребно истата да се чува. Клубот даде огромен придонес во популаризирањето на вредностите на Шара како на национален, така и на меѓународен план. Клубот придонесе за обнова и изградба на неколку планинарски домови, а ги одржуваше и планинарските патеки – истакна претседателот на клубот Јован Божиноски.

Претседателката не штедеше убави зборови, за да го поздрави трудот на бројните планинари кои ја промовираат како што рече „шарената убавица Шара“.

-Верувам дека планината ги здружува луѓето, во добро и во зло, во планинарењето и зимските спортови, поттикнувајќи ги солидарноста, натпреварот и хуманоста и облагодарувајќи ги натпреварувачкиот дух и желбата за победа. Драги пријатели, ви посакувам многу незапирливи и неброени успеси во времето пред нас. Очекувам раст и развој на ПК „Љуботен“, подобри денови за планинарите и планинарењето, рекреацијата и спортот, со цврста верба дека се незаменливи и најефикасни бранители на нашето, од сите страни, атакувано физичко и ментално здравје – порача Силјановска Давкова.

На свеченоста беше премиерно прикажан и документарниот филм посветен на вековниот јубилеј.

Беа доделени и бројни признанија на минати, сегашни членови, соработници, сите оние кои на некаков начин придонеле за одржување на клубот и учествувале во бројните активности низ годините. Особена чест се укажа на сите оние кои го трасирале патот за континуитет на клубот и оставиле силна основа на поновите генерации за продолжување на традицијата.

Во фоајето на ЦВ „Иљо Антески – Смок“, беа изложени и делови од стара планинарска и скијачка опрема, која ги врати присутните во минатите времиња, како и времеплов од фотографии кои говореа за бројните активности на клубот низ годините.

Свеченоста создаде посебна атмосфера, исполнета со измешани емоции, но поттикна и волја за понатамошна борба за одржување на љубовта кон планината и трајните вредности.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top