„Conquering Lion“ – добрите људи од Тетово родени за музика

Сподели:

Конкеринг лајон (Conquering Lion) е македонска реге група, оформена во Тетово. Доста специфични, со оглед на тоа дека реге музиката ретко е жанрот кој се практикувал на свирки, концерти и настапи во градот, па и Македонија воопшто.

Уникатни и позитивни, „Конкеринг Лајон“ се бенд кој прерасна во вистински бренд на Тетово. Позади себе имаат неколку албуми и многу настапи ширум Европа.

Во продолжение е нивната кратка биографија:

Бендот почнал со работа во 2007 година, за две години подоцна да го објави и дебитантскиот албум. Нивната популарност се шири со брзина на светлината, а особено се почитувани и сакани во родниот град. Во 2013 година, групата имала забележителни настапи на музичкиот фестивал “In Music” во Загреб, а свирела и како предгрупа на скопскиот концерт на Ману Чао. Најпосле, на 22 ноември 2013 година, групата го објавила својот трет албум „Revelation“ (Откровение), кој бил издаден под етикетата на издавачката куќа „Пасворд“, a албумот бил објавен во дигитална форма, со можност за бесплатно преземање од интернет-страницата на издавачот „Exit Label“. На албумот, покрај другите песни, се застапени две соработки: едната со музичарот од Јамајка, Доналд Минот, а втората со српскиот музичар Дарка Рајиќ. Снимател на албумот е Ивица Јанкуловски, а миксот е дело на Фредерик Луно. На 25 јануари 2014 година, во музичката продавница „Југотон“ во Скопје, “Конкеринг лајон” го промовирале видео-спотот за песната „Trickster’s End“. Спотот бил снимен на повеќе локации: Македонија, Хрватска, Албанија и Црна Гора и во него се прикажани моменти од патувањата и концертите на групата. Снимател на спотот е Јовица Рафајловски, а режијата и монтажата се дело на Милан Тоциновски – Сако.

Бендот се уште е активен и позади себе има шест студиски албуми. Како гордост на Тетово, „добрите људи“ од бендот се олицетворение на разновидноста на музиката во Тетово и одличен пример за талентот кој го има во огромни количини меѓу младите Тетовци. Речиси секоја година, реге бендот ги чести љубителите на ваквиот жанр со концерт, на кој присуствуваат и низа други гости од светот на музиката.

Членовите на бендот пленат со позитивна енергија, токму во духот и на музиката која ја создаваат. Како членови на бендот се запишуваат Стефан Илиевски – Rootsman (гитара, тромбон, вокал), Бојан Рафајловски – Happy (гитара, следечки вокал), Дејан Дојевски – Папак (бас-гитара), Јован Степановиќ – Кондур (перкусии), Александар Георгиадис – Кела (тапани), Ненад Трифуновски – Трипе (звучни ефекти), Филип Димишковски (клавијатури).

Во продолжение слушнете нешто од нивниот богат опус:

Секој кој ги слушнал „Conquering Lion“ се уверил во значењето на ширењето позитивна енергија, пренесена преку опуштените ноти, токму во духот на растафаријанството. Бендот е едно од уникатните музички богатства на Тетово, со многу песни позади себе, кои секогаш наидуваат на позитивни реакции од публиката.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top