Саше Серафимовски – непроценлива љубов кон театарот и пркос кон неправдата

Сподели:

Љубовта кон драмската уметност на Саше Серафимовски се отсликува најмногу во богатиот опус на негови дела – и во улога на режисер и во улога на актер.

Талентот, трудот, креативноста и постојаната желба за творење, се клучни во неговото дејствување, преку кое се збогатува културниот живот во Тетово. За тоа говорат бројните претстави, продукциски активности, документарни филмови и низа медиумски дела, кои се дел од неговата биографија. Иако не може да се опфати буквално сè, следува кратко презентирање на придонесот на Серафимовски во културата и уметноста, пред сè во Тетово.

Саше Серафимовски е роден на 7 август 1979 година. Љубовта кон театарот се јавува уште од мали нозе, од прво одделение кога станува дел од драмската секција на ОУ „Лирија“, под менторство на Живка Шалтаноска.

Од 2004 година почнува аматерски да се занимава со театар, заедно со Андреја Ѓорѓески, за потоа драмската уметност да ја избере и како професија. Дипломира во класата на професор Антонио Митриќески, на Факултетот за драмски уметности.

Се вклучува и во медиумскиот свет, работејќи првенствено во радио – како негова најголема љубов од светот на медиумите, па во 1993 година, е дел од тогашното радио „М“. Потоа следува обука во времетраење од 6 месеци, во македонското радио „Радио Скопје“. Во 1995 година започнува да работи во радио „Кисс“. Дел е и од радио „Јаболко“, до 1999 година, а потоа истата година се враќа во радио „Кисс“, се до 2002 година. Од 2002 до 2006 е дел од Канал Плус Форте радио, а потоа заминува во телевизија „А1“ и таму работи се до затворањето на медиумот. Тогаш престанува неговиот ангажман во медиумите, но продолжува да е е дел од Плус форте радио, како волонтер, надворешен соработник и долгогодишен пријател.

Се интересира и практикува и продукциска работа, а е автор на низа документарни филмови, репортажи, реклами и слично. Се издвојува и учеството во популарниот проект со телевизиски репортажи и патеписи „Нешто незадолжително“, од кој е дел неколку години.

Како актер, игра и во голем број дипломски филмови, а е дел и од краткометражниот филм „Госпоѓа Рубин“ (дипломски филм на Костадин Анастасов), каде што игра покрај Перо Арсоски, Софија Куноска, Драгана Костадиноска, Емра Куртишова…

Што се однесува до театарот, учествува во голем број претстави. Во 2005 година, дел е од „Ожалосќена фамилија“, каде се потпишува како видео продуцент, па следи култната „Викенд на мртовци“ во 2006 година, каде што ја толкува главната улога, а во 2009 се приклучува на актерската екипа во „Мие малите људи смо големи чуеци“, како и во „Дракула“, во 2010 година. Бележи и голем број на гостувања во театрите низ Македонија.

„Амадеус“, 2011 – Серафимовски во улогата на Моцарт

Своето режисерско деби го има со брилијантната „Амадеус“, во 2011 година. Потоа се редат низа сериозни дела, во кои се потпишува како режисер и актер. 2012 година ја има премиерата на „Господа Глембаеви“, 2014 година е резервирана за „Покондирена тиква“, годината кога почнува да го организира и режира музичко-театарското шоу „И тетовските глумци поа“, кое за прв пат е претставено пред тетовската публика на 26 декември.

„И тетовските глумци поа“ прераснува во своевидна традиција и се реализираат вкупно 8 изданија. Серафимовски успева на сцената да ги обедини и старите и новите генерации актери, создавајќи една театарска симбиоза, на задоволство на публиката.

2015 година ја режира „Вишновата градина“ од Чехов, а во 2018 година ја игра главната улога во изведбата на „Црнила“, на Андреја Ѓорѓески. Работи на квалитетен театар, текстови преку кои испраќа порака и алудира на недостатоците во општеството, користејќи го театарот токму како влијателна алатка при процесот на корекција на истото.

За време на пандемијата, ја режира „Чај со рум“, од Јован Дамјаноски, на адаптирана локација согласно тогашните услови, во Лешок.

2023 е резервирана за „Професионалец“ од Душан Ковачевиќ, која доживува голем успех на премиерата. Потоа, во 2024 година, следи „Сега му е мајката“, текст на Горан Стефановски, која ја изведува заедно со Андреја Ѓорѓески.

Вредна за споменување е и изработката на документарниот филм „Талија“ кој започна со снимање и организација во 2015, а финално се реализираше во 2022 година, под покровителство на Музеј на тетовски крај. Серафимовски се потпишува како режисер, а филмот ја опфаќа појавата и развојот на театарската уметност во Тетово, како еден вид на визуелен споменар за театарското творење во градот под Шара.

Добитник е на Општинската награда (3 Март) – признание за особен придонес во културата, во 2013 година, заедно со Никола Ристановски. Огромен дел од театарските претстави кои се одиграле во Тетово, околу 80 проценти од истите, до 2022 година, се снимени, едитирани и продуцирани токму од Серафимовски, што значи дека е направен напор за нивно архивирање и конзервирање.

Серафимовски и натаму е доста активен во однос на театарот, продолжувајќи со збогатување на театарската дејност во Тетово, преку подготовка на сериозни дела, како режисер и актер.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top