Интервју со ликовниот уметник Славчо Максимовски: Што е уметноста, ако не борба за подобар свет?

Сподели:

Ликовниот уметник Славчо Максимовски ја најавува втората едиција од изложбата на фотографии „Убавите жени на мојот народ“.

Во моментов не живее во Македонија, но работи на промовирање на македонската уметност и култура и надвор од родната земја. Сестран, креативен, вреден и бунтовен – ова се квалитетите кои го красат Максимовски, кој во Тетово успеа да биде ментор и на многу млади талентирани деца, да ги подучи и подготви за светот на ликовната уметност. Со него разговаравме за новите активности околу втората изложба „Убавите жени на мојот народ“, а го прашавме и што е она што го натерало да си ја проба среќата надвор од земјата.

Целото интервју со Максимовски во продолжение:

Концептуалната изложба „Убавите жени на мојот народ“ наиде на позитивни коментари и голем интерес кај публиката. Сега е во најава и второ издание. Кажи ни што ти беше мотивацијата за реализирање на една ваква идеја и деталите околу промоцијата на првата и плановите за втората изложба…?

Изложбата „Убавите жени на мојот народ“ предизвика огромно внимание во јавноста, а тоа особено ме радува. Тоа несомнено го заслужува поради жените кои беа дел од проектот. Во изминатиот период често добивав прашања дали ќе продолжи проектот и со мојот тим од „Ред централ продукција“ многу размислувавме…Сега слободно можам да кажам „ДА“ – во подготовки е втората едиција. Македонија изобилува со успешни жени кои заслужуваат да им се даде огромна почит. Ова е мој начин да го покажам тоа. Се надеваме дека и овој пат ќе биде барем толку успешно како минатиот пат.

Изложбата ќе биде одржана во Загреб. Колкав предизвик е самата организација на такви настани?

-Изложбата ќе биде во прекрасната дворана „Тоше Проески“ во Загреб, каде што ја претставивме и првата едиција. Чест ми е и особено сум среќен и благодарен на луѓето од МПЦ „Злата Мегленска“, кои срдечно ја прифатија оваа соработка. Организацијата секако е огромен предизвик кога правиш еден ваков проект со национален предзнак, но, сепак, истото бара и огромни финансиски средства кои се секогаш најголемиот проблем за сите културни работници веќе години наназад. Уметноста е убавата страна на светот и на животот, но таа е скапа. А за да добиеме вистински квалитетен производ со уметничка вредност е непроценливо.

Повеќе не живееш во Македонија, но продолжуваш да ја промовираш и македонската култура и уметност. Самата изложба „Убавите жени на мојот народ“ е доказ за тоа. Сметаш ли дека промовирањето на убавините од сопствената земја (во било која сфера) е на некој начин и одговорност на секој уметник?

Последниов период не живеам во Македонија за жал, затоа што како и многу луѓе од сферата на уметноста бев приморан да се иселам, бидејќи по природа сум бунтовник, а тоа во Македонија е опасно, бидејќи политиката е замешана буквално во сè, па да се вработам, иако сум компетентен по сите параметри, беше научна фантастика. Не бев компетентен само во едно. Немав партиска книшка и не сум партиски полтрон, па избрав да сум слободен човек и така да го одам овој пат. Целото мое творештво се базира на жената, а со секој нов циклус и проект секако ја промовирам Македонија. Македонец сум каде и да сум во светот. Тоа не само што е одговорност, туку треба и да е природно чувство и потреба, ако имаш со што да чувствуваш. Јас се трудам да го негувам тоа чувство секогаш со гордост и огромна љубов покрај сè.

Во Тетово ја предводеше и работилницата за млади таленти и деца кои изразиле желба за учење и совладување на сликарските вештини. Колку ти значеше тоа како активност и дали ти недостига?

Тоа е еден од најубавите периоди во мојот живот на кој сум исклучително горд, бидејќи го работев самостојно и авангардно. Огромна љубов и посветеност им дадов на прекрасните деца, а тие безусловно ми вратија многу повеќе, зошто кај децата нема глума. Сега од оваа временска дистанца можам да се пофалам дека голем број од нив се мои колеги, а тоа е најголемата награда за мене. Девет години успешно траеше со многу притисоци, но издржавме сè – само во име на уметноста. А што е таа ако не борба за подобар свет?

Што е она што е недостаток во Тетово и општо во Македонија во однос на уметноста и културата, воопшто? Дали системските нефункционирања, недостигот на поддршка, политичките влијанија е слично, се клучните фактори за тоа што голем број уметници го напуштаат родното место?

Тетово несомнено изобилува со таленти. Во тоа се уверив сам, иако првично бев септик. За тие девет години кога работевме, 40-тина деца го продолжија средното образование во уметничкото училиште во Скопје, тоа за Тетово е огромен број. Но, Тетово иако е град со некаква традиција, не е град со култура како некои други нормлни градови во 21 век. Мислам дека главниот факт зошто е тоа така е баш поради тоа што имаме несоодветни личности на клучни позиции, кои немаат никаква врска со уметноста, ниту пак тоа ги интересира, ниту служат и работаат во нејзина полза. Напротив, тука се единствено зошто припаѓаат на една или на друга политичка опција која во моментот е на власт. Така нема светла идина ниту за уметноста ниту за државата, но за тоа треба да помислат други.

Што би им порачал на сите млади таленти од Тетово кои сакаат да се едуциираат како академски сликари и да продолжат со градење на кариера во таа област?

Сега светот е отворен и нуди многу повеќе можности, отколку во времето кога јас бев студент. Затоа би им препорачал дека и покрај сите тешкотии, уметноста е најубавата работа на светот. Убаво да размислат и со чисто срце и освестени да си ја пробаат среќата во некој од поголемите културни центри во светот. Тоа сигурно ќе ги направи подобри луѓе.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top