Силјановска Давкова со поддршка за Сојузот на борци од НОАВМ во борбата против менувањето на имињата на улиците во Тетово

Сподели:

Висока делегација на Главниот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи во која беше и претседателот на тетовската организација Лилјана Симовска во текот на вчерашниот ден оствари средба со Претседателот на Македонија г-ѓа Гордана Силјановска Давкова.

На средбата се разговарало за актуелниот горлив проблем кој отпочна со отворањето на процес за промена на имињата на улиците во Тетово, пропратено со неприфатлива реторика од страна на градоначалникот Билал Касами.

-Претседателот како шеф на државата, но и како врвен правник целосно ги разбира позициите на Сојузот на борци и дава поддршка на одбраната на антифашистичките вредности и наследство како во Тетово, така и ширум Републиката – велат од Главниот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ.

„Со претставниците на Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија – НОАВМ и граѓани продолжувачи евоциравме спомени за годините од и по НОБ. Како ќерка на борец во НОБ, до денес ги паметам бројните приказни од неговите соборци за пожртвуваноста на татко ми за која се закитил со 3 ордени за храброст. Со потомците на борците од НОБ денеска се согласивме дека не смееме да ја заборавиме историјата и дека почитувајќи ги личностите кои биле дел од антифашистичката борба, покажуваме дека сме биле и остануваме на страната на прогресот. Хероите коишто ни ја донеле слободата не се измислени. Нивните имиња кажуваат, нивните имиња раскажуваат историска вистина. Тие се дел од нашето национално и културно наследство и заслужуваат неизмерна почит. Затоа Сојузот на борци мора да биде истраен во своите барања да не се менуваат имињата на дел од улиците во Тетово кои носат имиња на национални дејци од антифашистичкото минато. Сите имаме одговорност кон историјата и истата треба да им ја оставиме на нашите деца“ – објави претседателката Силјановска Давкова на официјалната „Фејсбук“ страница во врска со средбата.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top