Иницијатива „Тетово сака парк“: Кој сака крај на Комплекс Ловец?

Сподели:

Од Иницијативата „Тетово сака парк“ со реакција за предвидувањето градба на две кули во Комплекс Ловец во Тетово.

Имено, од Иницијативата информираат дека на јавната презентација во Општина Тетово, која се одржа пред неколку дена, се презентирал план за нова површина за градба од 8 метри, на просторот од Комплекс Ловец.

Целата реакција на Иницијативата Ви ја пренесуваме во целост:

„Нов предлог-ДУП му крои крај на ТЦ „Ловец“ и на тоа место предвидува две огромни кули.

Пред два дена се одржала јавна презентација за неколку нацрт-детални урбанистички планови, меѓу кои и за УБ 42, кој го опфаќа и култниот ТЦ „Ловец“. Информацијата за презентацијата била објавена на само два дена пред нејзиното одржување. Ваквото постапување станува пракса веројатно со цел дел од заинтересираните граѓани да немаат време да одложат работни и други обврски и да дојдат на презентацијата, ниту пак да дознаат. Индикативно е што на оваа презентација лично присуствувал и градоначалникот Биљал Касами, иако тоа до сега не е честа пракса, а сега се случува и непосредно пред веќе распишаните локални избори.

Планот предвидува нова површина за градба висока 8 м, со намена за трговски центар, на местото за целиот комплекс „Ловец“ која ќе ги зафати сите постоечки бараки. Во средината овој габарит се издигнува на пет ката, и висина од 19,2 м, а на неговите краеви се издигнуваат две огромни десеткатници со планирана висина до дури 34,2 метри. Да напоменеме дека сообраќајното решение во нацртот предвидува единствен влез и излез за внатрешноста на блокот само преку сегашниот пристап – односно кракот пред Стара пошта, а дополнителен колски пристап кон внатрешноста со кој би се растоварило ова тесно грло секако не е возможен и изводлив.

Понатаму, долж улиците „Страшо Пинџур“ и „Тодор Циповски-Мерџан“, нацртот предвидува осумкатници на местото на сите сегашни стари згради oд по три и четири ката, и тоа во непрекината низа на целиот потег од некогашниот ресторан „Ловец“, преку „Деликатес“, пасажот, „Жито Полог“, па сѐ до Стара пошта.

Прашуваме дали постои здраворазумно образложение зошто и кому е потребно на ова место и во тоа опкружување од градски плоштад, булевари, други деловни и станбени објекти и веќе енормни гужви, да се предвиди толкаво зголемување на бруто изградената површина, а особено да се предвидат тие две нови огромни кули внатре во блокот? Зошто по секоја цена се прави притисок на сообраќајот, водоводната и канализационата инфраструктура, но и циркулацијата на воздух и изложеноста на сончева светлина?

На крајот прашуваме кој е иницијатор на ова менување на Деталниот урбанистички план за УБ 42 кој го опфаќа ТЦ „Ловец“? Чиј интерес е ваквото „урбанистичко планирање“ на Тетово? Во јавен интерес сигурно не е!

Зошто не се иницира замена на фасади, партерно уредување, зеленило и урбани содржини во овој блок, по примерот на скопските општини Центар и Карпош, на товар на Општината, а во интерес на урбан развој на централното градско јадро?

На крајот прашуваме: До кога?“ – се вели во соопштението на Иницијативата.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top