Со стих, песна и љубов кон македонскиот јазик – учениците од ООУ „Братство-Миѓени“ го одбележаа 21 февруари, Денот на мајчиниот јазик

Сподели:

Послушајте Македонци!

Јазикот е единствената наша таковина.
Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме,
го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината.
Како куќа, како дом, како огниште. – Блаже Конески

Овие моќни зборови на Конески, беа оживеани преку делата од учениците на ООУ „Братство-Миѓени“ – Тетово.

Со достојно одбележување на Денот на мајчиниот јазик, тие уште еднаш покажаа и порачаа дека македонскиот јазик е нашата татковина, наследство и наш идентитет.

Со рецитации на стихови, изведба на песни, драматизација и креативни творби, учениците од одделенска настава, гордо се претставија на организираната приредба во чест на 21 Февруари – Денот на мајчиниот јазик.

-Горди сме на нивната храброст, креативност и почит кон јазикот што не обединува – велат од ООУ „Братство-Миѓени“.

Пред присутните се обрати и заменик директорката Даниела Апостоловска. На свечената приредба беа присутни и советниците од Бирото за развој на образованието, на кои Апостоловска се заблагодари и истакна дека со нивното присуство и поддршка придонеле приредбата да е уште посвечена.

Дечињата со огромен ентузијазам ја изведоа незаборавната песна од „Бушавата азбука“, потсетувајќи не на буквите кои се изворот на нашиот јазик, со кој се напишани мноштво родољубиви зборови и песни, драми, текстови, раскази – творечки нишки на мајчиниот македонски јазик.

Под мотото „Мајчиниот јазик е гласот на нашето срце“, учениците го покажаа вложениот труд, во соработка со своите наставници, резултатите беа видливи и успешни – се разбира и наградени со громогласен аплауз.

Со изведените дела, учениците и наставничкиот колегиум од ООУ „Братство-Миѓени“, го покажаа есенцијалното значење на мајчиниот јазик. Со мајчиниот јазик ги учиме првите зборови, првите приказни и ги дознаваме првите чувства. Тој е мост меѓу генерациите – преку него ги наследуваме традициите, мудроста и спомените на оние пред нас.

Македонскиот јазик е повеќе од средство за комуникација – тој е жива историја, култура и душа на народот. Во неговите зборови се слушаат песните, приказните и секојдневниот живот на Македонија. Да се зборува и негува македонскиот јазик значи да се чува сопствениот корен, но и да се создава иднина во која нашиот глас ќе продолжи јасно да се слуша.

Кога го чуваме мајчиниот јазик, ја чуваме и нашата приказна. А македонскиот јазик, богат и топол, останува најубавиот начин да кажеме кои сме – а кој поубаво тоа може да го прикаже, од нашите најмили, најмлади, учениците кои допрва ќе ја шират убавата македонска мисла.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top