„Чин на враќање на огнот таму каде што е запален“ – Максимовски со изложбата „Убавите жени на мојот народ“ и во родната земја

Сподели:

Конечно, втората едиција на изложбата „Убавите жени на мојот народ“ пред домашна публика.

На покана од Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, македонскиот академски сликар Славчо Максимовски, на 6-ти март, ќе ја прикаже приказната за македонската убавина низ концептуални фотографии и на домашен терен.

Дизајн на насловна : Георге Богдановски/Дизајн на насловен текст : Ласко Џуровски

Првата изложба премиерно беше претставена во Загреб, а Максимовски истакна дека импресиите кај посетителите таму биле навистина позитивни.

-Загреб ја прими изложбата со восхит. Публиката таму не гледаше само фотографии, туку огледала. Имаше суптилни и остри прашања и кон себеси. Гледачот не дојде да гледа „убави жени“, туку да се соочи со идејата што значи убавината во еден народ — како историја впишана во кожа, како колектив на меморија во погледот. Ова е изложба за тежината што жената ја носи во нашето општество — традиција, очекувања, болка, достоинство. Убавината кај нив не е украс, туку товар и сила. „Убавите жени на мојот народ“ не е единствено естетика — тоа е концепт. Убавината тука е прашање: Што значи да се биде жена во една култура, во една традиција, во една болка? Сакам кога уметноста не е само декорација, туку провокација.

На прашањето какво е чувството што изложбата ќе биде претставена пред домашна публика, Максимовски вели дека тоа го доживува како конфронтација, а говори и за тоа кои се неговите очекувања.

-Фактот што фотографиите ќе бидат изложени во мојата земја за мене е чин на враќање. Но, не враќање како носталгија, туку како конфронтација.Тоа го чувствувам како чин на враќање на огнот таму каде што е запален. Тоа е директен разговор со сопственото општество. Без филтер. Без дистанца. Не очекувам само нема публика — очекувам реакција. Ако луѓето излезат рамнодушни, изложбата не успеала.

Жените кои се фотографирани, вели тој, не се во улога на класични модели.

-Жените на фотографиите не сево улога на класични модели, не се мотиви, не се симболи — тие се архетипи и личности во исто време. Тие се мајки, бунтовнички, сенки, сведоштва…Тие се присувства…Тие се гласови што не молчат. Погледот не е поза — туку сведоштво.

Максимовски остар во поглед на прашањето колку ѝ недостигаат на Македонија вакви промоции и зошто повеќе нè ценат надвор отколку дома.

-Ќе бидам можеби малку остар во својот одговор на ова прашање, но секако тоа е само мое реално размислување и лично искувство. Во Македонија не недостига талент — недостига храброст. Недостига простор за нешто што не е удобно, нешто што не ласка, нешто што не се вклопува. Овде често се бара уметност што ќе украси ѕид, не уметност што ќе го „сруши“ ѕидот. Надвор не нè ценат повеќе затоа што сме поинакви, туку затоа што таму провокацијата не се доживува како закана, туку како потреба. Таму концептуалното не се плаши од традицијата — разговара со неа, ја предизвикува, ја преиспитува. Кај нас сè уште постои страв од огледало. А уметноста е токму тоа — огледало што не ласка. Таму уметноста не мора да биде прифатлива, за да постои. Кај нас прво треба да биде безопасна.

Конкретно јас имав многу притисоци како уметник од минатата власт во Македонија. Ми беше одземено правото да работам и да егзистирам како академски уметник во сопствената земја. Не затоа што немав што да кажам — туку затоа што кажував со својот разум. Моето дело беше брутално критичко, мојот став непослушен, а мојата уметност не се вклопуваше во нивните удобни идеи. Системот не сака уметник што гледа премногу јасно. Сака декор, не свест. Сè што создавав беше визуелна рана во нивниот комфор — критика што не можеше да се цензурира со убави зборови. И затоа не ме оттурнаа само од институциите, туку од можноста да придонесам за културата што ја сметам за своја. А јас не прифаќам граници за мислата. Како освестен човек не молчев пред неправдата. Не дозволив системот да ја дефинира мојата вредност, ниту да одлучува за мојата слобода, ниту да ми ја диктира тишината ниту да ми ја мери вредноста. Кога ти го одземаат гласот, заминувањето не е избор — туку чин на преживување. Не ја напуштив земјата од слабост. Заминав од одбивање да се покорам. Денес мојата уметност постои токму затоа што одбрав слобода наместо тишина. Тоа е доказ дека слободата нема институција.

На крајот Максимовски со порака дека неговата изложба е за убавата суштина на неговиот народ.

-Уметноста се бори за вистината, но секако цели кон убавото. Проблемот не е во публиката — проблемот е во стравот. Страв одново. Страв од вистина. Страв од огледало. Но, токму затоа ваквите изложби мора да постојат. Не за да бидат сакани — туку за да разбудат и да освестат.

За потсетување, изложбата „Убавите жени на мојот народ“ ќе биде отворена на 6-ти март, во Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, со почеток во 18 часот.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top