„Предлогот Јусуф Реџепи да добие име на улица е неприфатлив!“, реагираат од Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово.
Од таму со образложение за предлогот Јусуф Реџепи усвоено од страна на Работната група за именување и преименување на улици во Тетово. Во продолжение, целото соопштение на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово:
„Почитувана јавност,
Нелегитимната Работна група за именување и преименување на улици во Тетово формирана од Советот на Општина Тетово до сега усвои 219 предлог-имиња за улиците во Тетово. Со цел неприметно за општата јавност истите да ги усвои, а со тоа да рехабилитира низа фашисти, балисти и разни злосторници, ова општинско тело во јавноста пласира неточни или непотполни биографии на личностите чии имиња ги предлага.
Така во општинското соопштение пишува: – „Се предлага Јусуф Реџепи (1922-2005) кој беше еден од првите лекари од Тетово. Специјализирал интерна медицина во Скопје, со што станал првиот специјалист по интерна медицина етнички Албанец во Македонија. Набргу потоа го основал Одделението за внатрешни болести во тетовската болница. Во 1993 застанал на чело на албанската политичка партија Народна демократска партија, подготвен да придонесе за правичното решавање на „нашето“ прашање.
Сепак неговата биографија е поинаква.
Јусуф Реџепи е лекар, професор на Универзитетот во Приштина. Завршил втор клас во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во 1940 година. На 17 годишна возраст бил вклучен во фашистичката ОВРА (Контраразузнавачка служба на Италија). Гимназија довршил во Приштина од каде бил испратен на тримесечен разузнавачки курс на ОВРА во Падова, Италија. Завршил курс и во Римскиот отсек на ОВРА. Во Тетово се вратил во 1943 година и му пристапил на квислиншкиот фашистички албански баталјон Љуботен како подофицер, а за неколку месеци бил унапреден во потпоручник, како и поручник во известителната служба на Албанија.
Токму неговото учество во фашистичките служби и јасната определба да служи на фашизмот и балистичките формации кое Работната група сака да го сокрие го прават неподобен да му биде укажана чест улица во Тетово да го носи неговото име.
Во оваа прилика целосно ја осудуваме како манипулативна изјавата на членот на работната група Оливера Гиченко дадена на 29.08.2026 година за Канал 5 во која вели дека Работната група спровела фаза на прочистување и прифатила само имиња кои не се против уставниот поредок на Република Македонија. Јавноста е веќе добро информирана какви имиња се содржани во предлогот и е длабоко револтирана. Фашизмот е против уставниот поредок на Македонија!
Вистинското прашање е како госпоѓа Гиченко и останатите членови на работната група едногласно прифатија улица во Тетово да носи име на Јусуф Реџепи кој бил фашистички разузнавач, Џафер Сулејмани кој бил окупаторски градоначалник, Фадил Сулејмани кој го негирал постоењето на македонскиот народ и држава и имиња на многуте други припадници на фашистички организации и движења, милитанти, исламисти или пак целосно општествено нерелевантни поединци ?
Смрт на фашизмот – Слобода на народот! – се вели во соопштението.

