„Сонувалка за животот“ на проф. д-р Јован Дамјановски ќе биде промовирана пред Тетовци

Сподели:

Драмскиот текст „Сонувалка за животот“ на проф. д-р Јован Дамјановски, на 26.09.2026 (сабота), ќе биде промовиран во Музејот на тетовскиот крај (поранешно Дом на АРМ) во Тетово, со почеток во 19:00 часот.

-Дело кое преку зборот гради невидливи, а силни мостови меѓу луѓето, културите и животното искуство – го опишуваат делото на Дамјановски од Македонско-хрватското друштво, кои се клучни во организацијата на промоцијата.

Имено, новиот драмски текст на македонски, а и на хрватски јазик ќе биде во издание токму на Македонско-хрватското друштво.

-Од перото на неприкосновениот мајстор на драмата и текстот, авторот на култните „Мие малите људи смо големи чуеци“, „Иконија, пардон, госпоѓа Ика“, „Америка е само во Америка“, „Викенд во младоста“ и други, пристигнува нов драмски текст на македонски и хрватски јазик, во издание на Македонско – хрватското друштво (МХД). Овојпат, приказната на проф. д-р Јован Дамјановски нè навраќа наназад, кон едно време и еден настан што оставија длабока трага, но истовремено нè подготвува и за она што доаѓа. По разорниот земјотрес во Скопје во 1963 година, драмското дејство се сели во Пула – објаснуваат од МХД.

-И во овој текст на Јован Дамјановски пулсира обичниот човек. Животните линии се допираат, се вкрстуваат, но и се заплеткуваат во цврст или помалку цврст јазол. Во прецизно изградените ликови се препознава немирот на ова наше брзо, драматично, одминливо – неодминливо време, менливо и минливо, но секогаш незавршено време, а стапиците на умот бараат здив во вечната потрага истражувања за животот. Станува збор за луциден автор кој во своите дела прави фигуративно равенство со тоа дали досегашниот морал и етика на животот кореспондира со современите сфаќања на човековите вредности – вели м-р Марко Видачек.

Дамјановски е исклучително плоден и почитуван автор, кој позади себе има богат опус на драмски текстови, романи и раскази. Неговата умешност за изразување и допирање до душата на читателот, го прават Дамјановски писателски вирутоз, кој низ годините прерасна во вистински бренд на Тетово.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top