Од Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово со реакција за третата листа на имиња која беше усвоена од страна на Работната група за именување и преименување на улици во Тетово. Имено, листата беше усвоена на 30 соптември и содржеше 251 име.
Од Сојузот на борци Тетово велат дека внимателно ја проучиле и третата листа и реагираат остро на како што велат, продолжувањето на рехабилитирањето на фашисти. Нивното соопштение Ви го пренесуваме во целост:
„Почитувана јавност,
Нелегитимната Работна група за именување и преименување на улици во Тетово формирана од Советот на Општина Тетово на 30 септември усвоила трета листа со имиња за улиците во Тетово, со што листата со имиња достигна бројка од 251 име со кои Општината сака да ги именува улиците во градот.
Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово внимателно ја проучи и третата листа и преку ова соопштение до јавноста истата остро ја осудува и како и до сега одлучно се противи на рехабилитирањето на фашисти и нивни слуги, како и на неприкриениот обид за албанизација кој не е примерен и комплементарен на државната определба за градење на функционално мултиетничко општество.
Се предлага името на Антон Чета, школуван во фашистичка Италија, кој веднаш по окупацијата од фашистичката власт бил поставен за раководител на призренската пошта. Се предлагаат и имињата на основачите и активистите на илегалната антимакедонска и антидржавна организација „Беса“ како Хусеин Џафери, Махмут Ахмет Зеќири, Џеладин Палоши. За ниту еден од нив не е понудено образложение што упатува на нивно општествено значење. Напротив, се истакува како единствена заслуга тоа што Палоши ги пречекал окупаторските германски трупи со албанско знаме, а добил висока функција во судот за време на окупацијата. Палоши иако по ослободувањето бил рехабилитиран од институциите, сепак нема никаква оправданост да добие име на улица. Единствен биографски успех пак на Зеќири е тоа што подигнал албанско знаме на чаршиската џамија.
Предлогот е дополнет со имиња за кои архивите воопшто немаат доволно податоци како извесен Тајар Доми, па и во предлогот на Работната група за истиот не е понудена биографија, што дополнително го прави целокупниот процес тешка пародија.
Но, оваа листа дополнително предлага во Тетово да добиеме „Улица на кечињата“, ги предлага Азем Шкрели, Шпат Касапи, мајката на Скендербег, Фатос Арапи, за кои не гледаме никаква оправдана причина со нивните имиња да се именуваат градските улици, а гледаме сосем подруга јасна намера од предлагачите. Покрај ова се предвидува улица Мергими и улица Лирија, иако овие зборови не значат ништо на македонски јазик, што е спротивно на закон.
Работната група формирана од Советот на Општина Тетово очигледно технички спроведува нарачка која е погрешна и штетна. Во повеќе наврати ги повикуваме членовите на Работната група да размислат кому служат со нивното учество во работната група и да се повлечат.
Сакаме јавно да ја поздравиме одлуката на Никола Тодоровски за напуштање на Работната група.

Во нелегитимната работна група продолжуваат да членуваат Стамен Стефанов и Оливера Гиченко. Стефанов бил единствен присутен Македонец и гласал за третата листа, која е предмет на оваа наша денешна реакција. Се поставува прашањето кој е Стамен Стефанов, кои се неговите квалификации, која е неговата стручна и професионална наобразба за да дозволиме од името на македонскиот народ и сите тетовчани да аминува улици да носат имиња на окупаторите, на фашистите и нивните слуги, на иредентисти и слични антидржавни и антимакедонски елементи или пак, да прифаќа „улица на кечињата“ во Тетово? Кој го номинираше за член на Работната група за преименувања на улиците во Тетово лицето Стамен Стефанов, пензиониран наставник по македонски јазик, по потекло од кочанско, жител на Тетово релативно кратко време? Што знае Стамен Стефанов за историјата на македонскиот народ, тетовското минато и градската култура ? Со која цел истиот е избран во работната група?
Смрт на фашизмот – Слобода на народот!“ – се вели во соопштението на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи -Тетово.

