Во групи или глутници голем број кучиња се шетаат низ струшките улици, во Чаршијата, на плажите, на најфреквентните места и се потенцијална опасност за минувачите. Тоа го говорат и бројките од пријавени нападнати граѓани, од кои некои завршиле и со трајни последици. Како едно од можните решенија се наметнува изградбата на стационар, но останува клучното прашање – дали објектот сам по себе ќе биде доволен за да биде проблемот трајно ставен под контрола?
Автори: Фестим Положани* и Никола Костоски**

Фото: Приватна архива
Стружанецот Назми Дудуши директно ги почувствувал последиците предизвикани од бездомните кучиња. Додека одел на работа, рано наутро, околу 7:30 часот, наишол на група од четири кучиња.
„Едно од кучињата ме нападна. Ме гризна за раката, левата подлактница и стомакот. Сè уште ја имам лузната од каснувањето. Успеав некако да се ослободам и отидов во болницата во Струга, каде што ми беа санирани повредите“, вели Дудуши.
Случајот го пријавил во Општина Струга и побарал обесштетување. Од Општината бил упатен во ЈП „Комунално“, од каде што му било понудено ослободување од плаќање комунални услуги во период од три години. Понудата не ја прифатил. По консултација со адвокат, кој не можел да му гарантира позитивен исход на евентуалната постапка, Дудуши решил да се откаже од барањето.
Неколку години подоцна, тој вели дека стравот од проблемот не исчезнал. Останува загрижен дека и друг граѓанин може да стане жртва на напад.
„Загрижен сум бидејќи и по толку години проблемот со кучињата скитници сè уште не е решен и претставува опасност за граѓаните. Мислам дека во минатото немаше интерес од Општината за решавање на проблемот со кучињата скитници, или интересот и сериозноста не беа доволни. Се надевам дека што поскоро ќе се најде решение за проблемот со кучињата скитници во Струга“, истакнува Дудуши.
Во Секторот за внатрешни работи – Охрид, во првите седум месеци од 2026 година, 10 лица пријавиле напад од куче.
Уште подраматично сведоштво има млад стружанец, кој пред околу две години, враќајќи се дома, се соочил со глутница од дваесетина кучиња. Наместо да продолжи по улицата, бил принуден да бара начин да се спаси. Благодарение на своите физички способности, успеал да се искачи на оградата од Ракометното игралиште, каде што кучињата не можеле да го достигнат. Таму останал сè додека глутницата не се разотишла.
Она што особено го загрижило, било сознанието дека само неколку метри зад него се наоѓало повозрасно лице. За човек што поради возраста и физичката состојба не би можел да реагира или да избега со иста брзина, средбата со глутницата можела да заврши со многу посериозни последици.
Кога граѓанинот не може слободно да пешачи до своето работно место, кога родител размислува дали неговото дете безбедно ќе стигне дома, а повозрасен човек мора да избегнува одредени улици поради страв од глутници, проблемот повеќе не е само комунален. Тоа станува прашање на безбедност, на квалитетот на секојдневниот живот и на правото граѓаните слободно да се движат низ сопствениот град.
Време е за решение
Според некои податоци со кои располага Општината, во Струга и Струшко има помеѓу 600 и 800 кучиња скитници, чија бројка ќе расте доколку не се третираат соодветно, ако не се кастрираат и стерилизираат и се остават слободно да се размножуваат.
Решението што се заговара во последниов период е изградба на стационар, кој би требало да обезбеди простор за згрижување, третман и контрола на кучињата.
Покрај институционалната, се отвора и прашањето за одговорноста на граѓаните. Што се случува со сопствениците што ги пуштаат своите миленици без контрола, ги напуштаат кога повеќе не можат или не сакаат да се грижат за нив, дозволуваат неконтролирано размножување или едноставно го префрлаат проблемот од својот двор на улицата?
Затоа, дилемата не е само дали на Струга ѝ е потребен стационар. Прашањето е дали тој ќе биде дел од системско решение или само нова адреса на која ќе се упатуваат последиците од неодговорното однесување. Без контрола на сопствениците, стерилизација и кастрација, идентификација и регистрација на домашните миленици, санкционирање на напуштањето животни и постојана институционална контрола, опасноста е стационарот да стане место каде што проблемот ќе се собира, наместо да се решава.
Инвеститори се заинтересирани за стационарот
Општина Струга размислува проблемот со кучињата скитници да го решава преку јавно-приватно партнерство, за што планира да распише јавен повик. Според градоначалникот Менди Ќура, за моделот веќе постои интерес од најмалку тројца потенцијални инвеститори.
Иако постапката сè уште не е формално започната, низ Струга веќе се шират информации дека изградбата на стационарот е договорена и дека потенцијалниот инвеститор веќе презема активности поврзани со неговата изградба. Од Општината, засега, ваквите информации не ги потврдуваат како завршена постапка.
Според градоначалникот, Општината веќе шест месеци интензивно работи на изнаоѓање трајно решение за проблемот со кучињата скитници, кои во глутници се движат низ градот, вклучително и на најфреквентните локации, претставувајќи потенцијална опасност за граѓаните.
За справување со последиците од проблемот, од општинскиот буџет годишно се издвојуваат околу 100.000 евра. Средствата се наменети за надоместок на штета на граѓани што биле искасани, за судски трошоци, како и за активности поврзани со заловување на бездомните кучиња.
„Решението е изградба на стационар, но само ако кучињата се третираат професионално од ветеринари. Ветеринарот не лекува само едно животно, туку го штити јавното здравје. Кучињата скитници можат да бидат преносители на голем број заразни, паразитни и кожни заболувања, па без соодветен третман, ризикот за населението останува реален“Мурат Лумани, ветеринар од Струга
Изградбата на стационар, според Ќура, во моментов е единственото долгорочно и системско решение. Предлогот, сепак, неколкупати досега не ја доби потребната поддршка од Советот на Општина Струга. Како привремена алтернатива, Општината има договор со „Ветеринарна станица Центар увоз-извоз ДООЕЛ Кичево“ за хуман третман на кучињата, во вредност од 500.000 денари. Но, и овој модел, според градоначалникот, не ги дава очекуваните резултати, со забелешка дека се земаат пет-шест кучиња за третман, што не е соодветно решение за проблемот.
Според физибилити студијата за изградба на стационар, Општината предвидува годишно да издвојува 100.000 евра. Обврските поврзани со функционирањето на стационарот – од техничките и логистичките активности, до грижата за животните – би биле на товар на приватниот партнер.
„Ние овие средства му ги даваме, а тој презема обврска за секое куче. Поефикасна, подобра можност немаше. Годишно на инвеститорот му плаќаме 100.000 евра и немаме никаква обврска“, вели Ќура.
Според најавениот модел, договорот за јавно-приватно партнерство би бил склучен за период од 15 години.
Градоначалникот бара поширока поддршка
Градоначалникот изразува разочарување и поради отсуството на поширока поддршка за изградбата на стационарот. Освен од советниците, вели тој, очекувал посилен притисок и од граѓаните, невладините организации и институциите, особено затоа што проблемот директно го засега секојдневниот живот во градот.
„Мене ми е многу жал што за ова прашање во Струга требаше сите да се кренат, да протестираат, бидејќи бездомните кучиња ги напаѓаат и советниците што не гласаат и нивните деца. Бараме поддршка, која, за жал, не сме ја имале доволно, и од невладините организации, и од граѓаните, и од сите институции да се крене гласот, да се реши овој проблем“, вели Ќура.
Предлогот за изградба на стационарот првично бил повлечен од дневен ред по барање на советниците од опозицијата, поради тоа што материјалот не бил преведен на албански јазик. При повторното разгледување, предлогот не го добил потребното мнозинство, а точката била тргната од дневен ред и при третиот обид.
Градоначалникот, сепак, смета дека политичкото несогласување не е доволно доколку не биде проследено со алтернативно решение.
„Во ред, советниците не се согласуваат и тоа е нивно право. Но, тие не нудат решение. Барем да нудат. Немаме никаков предлог од нивна страна“, вели Ќура.
Во меѓувреме, Општината нуди спогодбен договор со оштетените лица за исплата од 80.000 денари без судска постапка.
Советот поделен за стационарот
Советниците од опозицијата со сличен став, бараат прво јавна расправа со претставници на сите релевантни институции, невладиниот сектор и експерти во областа за изнаоѓање најсоодветно решение за надминување на проблемот со кучињата скитници.
Единствениот советник од СДСМ, Димче Шипинкаровски, вели дека по завршувањето на јавната дебата и врз основа на посочените ставови на експертите, советниците ќе донесат одлука.
„Никој не е против решавање на проблемот со кучињата, но сакаме да ги слушнеме сите релевантни фактори и потоа да одлучиме“, вели Шипинкаровски, посочувајќи дека од предложената физибилити студија за изградба на стационар, останале отворени прашања околу 15-годишниот бизнис-план, искуството на компанијата и можноста во иднина да се појави и поевтино регионално решение.
Советникот Фатон Положани од ДУИ вели дека опозицијата бара јавна расправа, па потоа да се оди чекор напред. Тој има забелешки и на физибилити студијата и има сомнежи околу постапката за избор на компанија, оценувајќи дека решението не смее да биде однапред договорено.
„Ние имаме многу забелешки во врска со физибилити студијата што е направена од некоја канцеларија, која воопшто нема излезено на терен да ја види состојбата со кучињата скитници во Струга. Имаме сомнежи за постапката што треба да се реализира. Човекот веќе изградил и стационар, а тоа треба да оди преку редовна тендерска постапка“, додава Положани.
Предлогот за изградба на стационар за бездомни кучиња не ја доби поддршката ниту од советникот на Левица, Климе Карамитревски, кој ги образложи сомнежите и реакциите од граѓаните дека веќе се подготвува локација за стационар во близина на индустриската зона во Струга.
„Не ја дадов мојата поддршка, бидејќи граѓаните реагираат дека некој веќе го подготвува стационарот, а истовремено се вели дека ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани субјекти. Тоа кај мене создава сомнеж и не остава впечаток на транспарентна постапка. Ако се гради стационар, целиот процес треба да биде јавен и достапен за сите“, изјави Карамитревски.
Тој смета дека Општина Струга располага со неискористено земјиште и не гледа оправданост да се плаќа парцела за изградба на стационар, доколку постојат општински локации што можат да се искористат за таа намена.
„Ние имаме многу забелешки во врска со физибилити студијата што е направена од некоја канцеларија, која воопшто нема излезено на терен да ја види состојбата со кучињата скитници во Струга. Имаме сомнежи за постапката што треба да се реализира. Човекот веќе изградил и стационар, а тоа треба да оди преку редовна тендерска постапка“Фатон Положани, ДУИ
„Не ја дадов мојата поддршка, бидејќи граѓаните реагираат дека некој веќе го подготвува стационарот, а истовремено се вели дека ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани субјекти. Тоа кај мене создава сомнеж и не остава впечаток на транспарентна постапка. Ако се гради стационар, целиот процес треба да биде јавен и достапен за сите“,Климе Карамитревски, Левица
Мнозинската партија во Советот, ВМРО-ДПМНЕ, ја поддржува изградбата на стационар. Советникот Коста Хиохи смета дека со предвидените мерки за стерилизација, постепено би се намалувала нивната популација.
„Прашањето со кучињата ги преминува сите граници, затоа сметаме дека таков стационар е потребен за намалување на популацијата на кучиња скитници“, изјави Хиохи.
И Нафи Јонузи од ВЛЕН, партија што е дел од мнозинството во Советот, смета дека неопходно е решавање на проблемот со бездомните кучиња и оти изградбата на стационар ќе го реши долгогодишниот проблем на стружани.
„Треба некој да се грижи за тие кучиња, да ги преземе сите неопходни чекори и потоа да ги пушти како питоми за да не настрадаат луѓето. Мислам дека со стационарот ќе се реши проблемот“, изјави Јонузи.
Стружани се плашат слободно да пешачат низ градот
Иако работните места, училиштата, маркетите или домовите им се на неколку минути пешачење, стравот од глутници бездомни и агресивни кучиња ги тера граѓаните да седнат во автомобил или да повикаат такси. Тоа значи и дополнителен секојдневен трошок за граѓаните, да плаќаат за превоз на релации кои, во нормални околности, би ги минувале пеш.
Проблемот не е само во непријатноста или во стравот кога ќе сретнат куче на улица. За оние што биле нападнати, тоа е трауматично искуство што остава и физички последици. А за родителите, постарите лица и за оние што секојдневно пешачат низ градот, прашањето станува уште посериозно – дали можат безбедно да стигнат од една до друга точка без постојано да внимаваат каде се движат и од каде може да се појави глутница.
Стружани секојдневно сведочат за агресивно однесување и напади од бездомни кучиња. Револтирани од тоа што, како што велат, повеќе не можат слободно и без страв да се движат низ градот, тие бараат институциите конечно да понудат трајно и ефикасно решение.
Во Секторот за внатрешни работи – Охрид, во првите седум месеци од 2026 година, 10 лица пријавиле напад од куче. За споредба, во текот на целата 2025 година биле евидентирани шест пријави, додека во 2024 година во полиција напад од куче пријавиле осум лица. Бројките покажуваат дека пријавените случаи на напади во 2026 година бележат пораст и го потврдуваат сериозниот безбедносен аспект на проблемот со бездомните кучиња.
Медена – симбол на верноста и тивката добрина на бездомните кучиња
Додека денес бездомните кучиња во Струга се тема на страв, незадоволство и политички несогласувања, во срцето на градот стои една приказна што потсетува дека односот меѓу човекот и кучето не е само прашање на проблем, туку и на доверба, заштита и припадност.
Медена – бездомното куче чија истрајност и приврзаност станаа симбол – денес е преточена во скулптура во природна големина, дело на уметницата Лида Шерафатманд, која неколку години живееше и твореше во Струга. Скулптурата гордо стои како потсетник на една едноставна, но моќна вистина: верноста и поддршката што кучето може да му ги даде на човекот не се мерат со тоа дали има дом.
Приказната почнала за време на пандемијата со ковид-19, кога Шерафатманд како новодојдена во Струга, движејќи се низ струшките улици го запознала бездомното куче што ја преживеало бурата на нечовечноста. Додека уметницата сама се движела низ градот, Медена чекорела покрај неа, како тивок чувар, давајќи ѝ сигурност и добредојде во новата средина.
„Додека се движев сама низ струшките улици, Медена чекореше покрај мене давајќи ми чувство на сигурност, но и на добредојде во градот како вистински негов мештанин“, вели Шерафатманд.

Фото: Приватна архива
По завршување на пандемијата, младата уметница забележала дека Медена е љубезна кон мештаните, се грижи за целиот град и честопати ги заштитувала луѓето од агресивни кучиња. Томку тоа ја поттикнало да ѝ оддаде почит, на начин што ќе ја надживее нејзината животна приказна – преку скулптура во нејзина природна големина. Покрај скулптурата стои и порака: „Нежноста е доблест. Да останеме нежни како отпорната Медена, дури и во тешки времиња.“
Во град во кој денес се бара решение за бездомните кучиња, приказната за Медена отвора едно поинакво прашање – дали проблемот е само во животните или и во начинот на кој човекот се однесува кон нив?
Медена не е само скулптура. Таа е потсетник дека и меѓу улиците, стравовите и човечката нечовечност може да опстане нешто едноставно, но суштинско – довербата.
Ниедна санкција за сопственици што напуштиле миленик
Зад сликата за глутниците бездомни кучиња што се движат низ струшките улици, стојат и бројки што отвораат дополнителни прашања – колку кучиња навистина се третираат како бездомни, колку домашни миленици се регистрирани и, можеби најважно, колку сопственици се санкционирани затоа што ги напуштиле своите животни?
Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), откако се води евиденција во модулот за домашни миленици досега, во Општина Струга биле заловени 70 бездомни кучиња, а регистрирани се 1.995 домашни миленици.
Во Струга досега нема изречена ниедна казна за напуштање домашен миленик, во согласност со одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните.
„Во првата половина од 2026 година, официјалните ветеринари на Одделението за државна инспекција за здравствена заштита на животните на ниво на целата територија на Македонија спроведоа вкупно 5.079 инспекциски надзори, додека во епизотолошката единица Струга се спроведени 131 контрола. На ниво на држава, во првата половина од 2026 година, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 21.250 инспекциски надзори. По одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, во Струга досега нема изречено казна за напуштање домашен миленик“, соопшти АХВ.
Во Струга досега нема изречена ниту една казна за напуштање домашен миленик, во согласност со одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните.
Токму овие податоци ја наметнуваат дилемата дали проблемот со бездомните кучиња навистина може да се реши единствено со нивно заловување, згрижување и изградба на стационар ако продолжи неконтролираното размножување и напуштањето домашни миленици.
Од АХВ како суштински причини за зголемувањето на бројот на бездомни кучиња, ги посочуваат неконтролираното размножување и неодговорното однесување на сопствениците што ги напуштаат своите миленици.
„Проблемот за сѐ поголемиот број бездомни кучиња во Струга е неконтролираното размножување и напуштањето на кучиња од страна на нивните сопственици. Подготвена е новата законска рамка што треба да обезбеди подобра контрола на размножувањето и сериозно казнување на неодговорните сопственици и на оние што ги напуштаат своите миленици. Во мај 2026 година АХВ почна активности со сите плански региони во земјава за подготовка на нова стратегија за бездомните кучиња, со процена на бројот на бездомни единки по плански региони и општини“, посочуваат од АХВ.
Системски проблем што бара долгорочна стратегија
Кучињата скитници претставуваат системски проблем чие решавање бара долгорочна стратегија, координирана институционална акција и доследна примена на законските прописи, оценуваат ветеринарите. Според нив, законска рамка постои, но клучното прашање останува колку таа навистина се спроведува на терен.
Мурат Лумани, ветеринар од Струга, смета дека проблемот не е нерешлив доколку институциите функционираат координирано и доследно ги спроведуваат своите надлежности. Според него, основа за воспоставување контрола е задолжителното чипирање и вакцинација на сите кучиња, со што ќе се овозможи нивна евиденција, следење и одговорно сопствеништво.
„Потребно е да се овластат и активно да постапуваат државните и локалните инспектори, ветеринарите и полицијата, кои ќе вршат редовни контроли, а домашните миленици да бидат под постојан надзор. Само така системот може да функционира“, посочува Лумани.
Трајно решение за проблемот со уличните кучиња, тој смета дека е изградба на стационар во кој ќе се спроведуваат кастрација, стерилизација, чипирање, вакцинација и лекување на болните животни, но исклучиво според стручни ветеринарно-медицински стандарди.
„Решението е изградба на стационар, но само ако кучињата се третираат професионално од ветеринари. Ветеринарот не лекува само едно животно, туку го штити јавното здравје. Кучињата скитници можат да бидат преносители на голем број заразни, паразитни и кожни заболувања, па без соодветен третман ризикот за населението останува реален“, вели Лумани.
Нема иницијатива за регионален стационар
Проблемот со бездомните кучиња не ги засега само граѓаните на Струга, туку и другите општини во Југозападниот плански регион, но досега не постоела регионална иницијатива за изградба на заеднички стационар или за воспоставување координиран механизам за негово системско решавање.
Директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион Валон Каба вели дека Центарот досега бил вклучен главно преку консултации и поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство и на општините, но не и преку конкретна регионална иницијатива за изградба на стационар.
„Регионално немало иницијатива, освен консултациите и поддршката што им ги даваме на Агенцијата за храна и ветеринарство и на општините. Последната иницијатива беше во 2017/2018 година, кога правевме физибилити студија за Кичевскиот микрорегион“, вели Каба.
Според него, дополнителен предизвик е и промената на европската легислатива во оваа област. Директивите на Европската Унија се очекува да бидат одобрени во септември, по што ќе следува усогласување на националното законодавство со европските стандарди.
Борба за подобар третман на бездомните кучиња
„Локал Актив“ имаше можност да разговара со еден љубител на животни, кој доброволно, со сопствени средства и максимални напори, прави сѐ за заштита на бездомните кучиња. Според него, третманот на кучињата, пред сѐ, е култура и познавање за нивно одгледување како да се нахранат, да се одржува хигиената и нивното здравје.
Изградбата на прифатилиште или стационар за бездомните кучиња, каде што ќе имаат соодветен третман од ветеринари за кастрација, стерилизација и вакцинација, смета дека би било можно решение за проблемот. Третираните кучиња, подоцна може да се понудат за посвојување.
Тој вели дека честопати го повикуваат граѓани за помош на повредено куче или за совет како да се справат со настанатата ситуација. Сведочи и за многубројни интервенции, кои со негова помош завршиле во соодветни центри за третман и спасиле многу кучиња.
Советува дека луѓето треба да не предизвикуваат агресивна реакција кај кучињата, нагласувајќи дека постојано шета низ градот со неколку негови кучиња миленици и никогаш не бил нападнат или загрозен од кучиња скитници.
* Фестим Положани е активист од Здружението за локална демократија „Центар на заедницата на Општина Струга“
** Никола Костоски е новинар
Оригиналната сторија можете да ја погледнете на овој линк.

