Приказната на
Плус Форте Радио

Откријте ја приказната за Канал Плус Форте Радио – првото приватно радио во Полошкиот регион, кое ве информира, забавува и инспирира уште од 1993 година.

Основано на 8 март, 1993 година, Канал Плус Форте радио е еден од првите пет формирани приватни медиуми во Македонија. Се уште зрачи како регионално радио во Полошкиот регион, анимирајќи публика од речиси илјадници граѓани. Познатата фреквенција 102.3 ФМ е белег на медиумот кое е долгогодишен аниматор, информатор, но пред сè пријател на љубителите на радиото.

plus forte radio about us

„Гагарама“, „Дружење плус“, „Утринско возење“, „Чешит шоу“, „Женски муабети“, „Голем одмор“, „Округло па на ќуше“ – се дел од контактните и забавни емисии кои со години ја забавувале публиката во Полошко. Канал Плус Форте радио се јавува и како организатор на низа наградни игри, донации, лотарии, кои секогаш наидувале на позитивна оценка и заинтересираност кај аудиториумот. Вреден за издвојување е изборот на „Наставник на годината“, кој резултирал со финален концерт на „Златно славејче“ на Градскиот стадион во Тетово, во 90-те, каде што секое место било пополнето до последно од децата од градот и нивните родители и роднини – што говори за блискоста која медиумот ја има со градот Тетово и луѓето во него.

plus forte radio about us

Во Канал Плус Форте неуморно и доследно работеле и создавале многу истакнати имиња, а радиото како медиум бил и отскочна даска од која се вивнале низа професионалци, реномирани новинари, сниматели, водители. Маја Блажевска, Самир Љума, Санда Србиновска, Милена Вучевска, Зоран Јовановски, Елизабета Тушева Јовановска, Слободанка Илиевска, Моника Јовановска, Маја Пероска, се само некои од луѓето кои ја добиле основата, работеле и се развиле како професионалци во медумската сфера токму во Канал Плус Форте.

Во сегашно време, радиото е единствениот медиум во Полошко на македонски јазик, кој содржи говорен појас и така планираме и да остане. Тоа ќе го постигнеме со борба која ќе подразбира создавање нови содржини, истрајност и посветеност на нашата мисија: Радио кое ќе биде пријател на слушателите, секогаш тука да информира, да анимира, да едуцира, да постои…

Запознајте ги лицата зад микрофонот

Дознајте повеќе за нашата мисија и тимот кој го прави Канал Плус Форте радио посебно!

НЕБОЈША КАРАПЕЈОВСКИ

Со своето огромно искуство позади себе, Карапејовски (роден 04.05.1962) е „ветеран“ во медиумите во Македонија. Од првите моменти поминати во Радио Тетово (од 1987 до 1992 година), до сериозната позиција како заменик директор и главен и одговорен уредник на програмите на Македонското радио, како и позиција на поранешен член на Управниот одбор на Центарот за развој на медиуми, Карапејовски неуморно работи на подобрување на квалитетот на содржините во македонското новинарство и медиуми.
Се истакнува по професионализмот испишан во годините поминати како дописник за „Гласот на Америка“, како и во специфичниот период на известување за А1 телевизија, во периодот на конфликтот за време на 2001-та година. Како основач на „Канал Плус Форте радио“ и телевизија „Менада“ Тетово, Карапејовски има огромно искуство и знаење кое постојано го пренесува во тековната работа. Автор на многубројни емисии, рекламни пораки, негова најголема љубов сепак е радиото – кое опстојува три децении, во најголем дел заради неговата посветеност и упорност.

МАЈА ПЕРОСКА

Првиот допир со новинарството и медиумите, за Маја Пероска, е токму „Канал Плус Форте радио“. Под менторство на Небојша Карапејовски, по завршените студии по новинарство, започнува со учење и поставување основа во водителството во „Канал Плус Форте“, а потоа и под менторство на Санда Србиновска се едуцира и надградува како новинар и ТВ презентер во Телевизија „Менада“. Подоцна работи како дописник за Телевизија „24 Вести“, а одреден период е дел и од Продукцијата „360 Степени“, во Скопје. Повторно се враќа во регионалното новинарство во телевизија „Кис и Менада“, а по затворањето на истата се враќа на самата основа, нејзината прва љубов – радиото.
Заедно со Карапејовски, се водители на забавната емисија „Округло па на ќуше“, која стекнува исклучителна популарност со своето емитување од 12 до 15 часот.

Scroll to Top