Следната недела љубителите на уметноста ќе имаат можност да присуствуваат на еден исклучителен културен настан.
Имено, во Музејот на Тетовскиот крај, на 3 јуни 2026 година (среда), со почеток во 19:30 часот, – ќе биде отворена ликовната изложба на еден од најзначајните македонски ликовни уметници, Павле Кузманоски.
Станува збор за уметник чие творештво веќе со децении остава силен белег врз современата македонска ликовна сцена. Неговите дела, препознатливи по автентичниот израз, длабоката емоција и впечатливата визуелна естетика, претставуваат вистинско богатство за македонската култура и уметност.

Изложбата е насловена „Големи формати“ . Кузманоски, како уметник кој е вистински бренд на Тетово и амбасадор на македонската култура, несомнено остава неизбришлива трага во светот на сликарството и ќе понуди опус кој не смее да се пропушти.
Овој културен настан претставува уникатна можност посетителите одблизу да ја почувствуваат магијата на уметноста, да уживаат во делата на еден доајен на македонското сликарство и да бидат дел од вечер исполнета со инспирација, емоции и уметничка убавина.

