Уште од самиот влез на Музејот на тетовскиот крај се чувствуваше возвишена енергија која наговестува вечер што останува длабоко врежана во сеќавањето.

Очи кои се смеат, различни генерации луѓе, вљубеници во уметноста, со посебна слабост кон делата на големиот Павле Кузманоски. Говорот на Милена Илиевска која вешто ја долови величината и брендот наречен Павле Кузманоски беше одличен вовед кон она што следеше: креативен влез на „кралот на монодрамата во Македонија“, професорот и писател од Кочани, Доне Донев, кој со својата вештина за израз ги остави вџашени и воодушевени присутните Тетовци.

Воодушевеноста и восхитот уште повеќе се потврдија откако присутните погледнаа во „Големите формати“ на Кузманоски, внимателно следејќи ги линиите насликани од вештата рака на академскиот сликар. Посетеноста на изложбата на великанот уште еднаш говореше за тоа колку господинот Кузманоски е вистински уметник во целосна смисла на зборот и што неговото име претставува за Тетово и културата воопшто.
„Големите формати“ беа изложени во салата на Музејот на тетовскиот крај, простор кој вечерва беше збиралиште на почитувачите на делото на Кузманоски, кои меѓусебно си споделуваа импресии од неговите грандиозни дела, спомнувајќи си колку ваквите настани се мелем за гладната за уметност публика во Тетово.
Искрени честитки за нашиот бренд, за скромниот, но величествен уметник, господинот Павле Кузманоски – Ви благодариме за сето она што сте ни го дале преку Вашиот уметнички израз, за личноста која сте, за богатиот сликарски опус кој одново и одново не потсетува дека Тетово го има најголемиот, извонредниот ПАВЛЕ КУЗМАНОСКИ!


