ОК ВМРО-ДПМНЕ-Тетово: Го повикуваме Сојузот на борци од Тетово да се огради од активистите и поранешните функционери на СДСМ

Сподели:

По соопштението до јавноста од страна на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово, за листата на предложени имиња за улиците во градот, со кое потенцираа дека во списокот со предлози, како што велат, постои видлива непропорционалност и обид за албанизација, со реакција и од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Тетово.

Од таму велат дека раководството на Сојузот на борци Тетово е киднапирано или се наоѓа под силен притисок од поединци – поранешни високи функционери на СДСМ, кои заедно со ДУИ имаат цел да шират лаги и да создаваат раздор меѓу народот. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

„ЗА ВИСТИНАТА И ЗА ЛАЖНИТЕ БОРЦИ ❗️

ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе ги почитува жртвите и македонските партизани како антифашистички борци и борци за слободата на Македонија и Тетово, како и сите дејци и борци од илинденскиот период, пред и по него, па сè до денес.

Очигледно е дека раководството на Сојузот на борците од НОАВМ во Тетово е киднапирано или се наоѓа под силен притисок од поединци – поранешни високи функционери на СДСМ, кои заедно со ДУИ имаат цел да шират лаги и да создаваат раздор меѓу народот.

Јавноста треба да знае дека станува збор за класична узурпација на организацијата на борците, која треба да биде претставувана од следбениците на борците од НОВ, а не од следбениците на СДСМ.

Интересно е што вакви реакции немаше од страна на Сојузот на борците од Тетово во периодот кога СДСМ го смени уставното име на Македонија. Но, тоа е друга приказна. Тогаш дел од челниците на Сојузот беа дел од т.н. „Шарена револуција“, кршеа и фарбаа споменици, ја палеа канцеларијата на претседателот и кампуваа пред Владата, давајќи поддршка на Зоран Заев и неговите политики.

Со денешното соопштение, по којзнае кој пат, личноста која долго време вешто се криеше зад превезот на верските заедници, а според одредени информации и понатаму лобира за да добие функција во Ватикан, Рим или на друго место, само за да продолжи да живее на товар на државата, сега се крие зад името на Сојузот на борците од Тетово и го злоупотребува за пласирање невистини и шпекулации.

Секој што знае да чита меѓу редови лесно ќе ја препознае поврзаноста меѓу овие соопштенија, написите на дел од порталите блиски до СДСМ и сè почестите протести на ДУИ токму околу имињата на улиците.

Вистината е само една:

-До пред неколку години Тетово беше град со нерегистрирани улици. Благодарение на актуелната локална самоуправа, Тетово конечно доби регистрирани улици, како што доликува на еден модерен град во 21 век. Голем дел од улиците дотогаш не беа катастарски евидентирани како постојни, што создаваше сериозни проблеми во правниот промет за граѓаните, но и во наплатата на данокот согласно законските прописи.

-Одлуката за имињата на улиците, која беше поништена од Уставниот суд поради незаконска постапка, никогаш не влезе во правен промет. Како и претходно, така и денес улицата „Маршал Тито“ правно сè уште го носи истото име. Тоа значи дека имиња како „Илирида“ и слични никогаш не станале дел од правниот поредок, иако Македонија одамна го напушти поранешниот систем.

-Во моментов, Комисија формирана согласно закон работи на утврдување список со предлози на заслужни дејци и познати личности од историјата, кои ќе бидат предмет на понатамошна законска постапка и дополнителна стручна евалуација пред донесување конечна одлука.

-Повторуваме дека приоритет ќе биде именување на улиците кои сè уште немаат име и се водат со број, пред сè заради функционалност и интересот на граѓаните, а не поради какви било скриени намери.

-И конечно, ја уверуваме јавноста: никој нема да го промени името на ниту еден македонски деец, борец или револуционер кој се вградил во борбата за македонската држава, слобода и независност.

На крај, го повикуваме Сојузот на борците од Тетово да се огради од активистите и поранешните функционери на СДСМ, кои очигледно денес го користат Сојузот за остварување теснопартиски интереси и за спроведување насоки од Бихаќка и Мала Речица.

Се надеваме дека ваквите провокации ќе престанат и дека Сојузот на борците ќе им се врати на својата изворна мисија, на народот и на вредностите за кои е создаден – се вели во соопштението на ОК ВМРО-ДПМНЕ Тетово.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top