Перица Сарџоски е роден во 1976 година во Тетово, Македонија.
Дипломирал на Филолошкиот факултет (англиски јазик и книжевност) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во 2001 година. Перо Сарџоски е поет, писател, преведувач и толкувач, истражувач, едукатор, иноватор на образовни програми, како и основач на училиштето за англиски јазик Пегасус ЕЛС.
Во 2005 година ја издаде поемата „Карпа жива“ во издание на „Современост“, која обединува сведоштва на една карпа, оживеана од солзата на дете растргнато од воените беспаќа, која раскажува за небиднини низ времето.
Во 2006 година го издаде романот „Цветниот пат“, патопис што ги следи езотеричните доживувања на двајца талкачи низ „мултидимензионалната душа на Македонија“, преку посета на значајни локалитети во земјава. Последната стихозбирка на Сарџоски, „Огнен пој“, претставува негово длабоко внатрешно патешествие, користејќи ја симболиката на фениксот како олицетворение на воскресението и преобразбата. Збирката е поделена на три циклуси кои ја илустрираат еволуцијата на поетската мисла – од „Зборорез“, каде што зборот е во својата основна форма, преку „Зборобраз“, до вознесението на поетската мисла во „Збороснес“. Со мотиви од љубовта кон Македонија и човечкото постоење, збирката претставува духовна преобразба преку зборот како средство за откровение.
ЗДИВ
(извадоци од „Огнен пој“)
Како да се збере
во еден здив
сиот екот вековен
сите битки бесмислени
сите булки крв натопени
сите солзи лица солени
излеани
неопеани
невидени
и незнајни.Како да се зберат
во еден здив
сите срамни грабежи
чезнеења и копнежи
сите стрвни крлежи
кожа да ти се наежи
сите сачми и татнежи
сите поројни дождови
сиот срам човеков
што натежнал на веков
дури реков
не дореков
сам себеси се зареков
та проколнав
очи исколвав
да протече солза…Небаре таа ќе ги изрече
сите стравој крвта мразој
сите гневој мисли врагој
сета омраза в срце свиена
сета одмазда в гради забиена.А како ли да се зберат
во еден здив
сите љубовни воздишки
тајни неизречени
погледи несретнати
тела немилувани
игри недоиграни.Како ли да се зберат
во тој еден здив
сите ранети а кренати
сите жедни а напоени
сите гладни а наситени
од раце некој незнајни
тајни
сјајни
бескрајни
добрини направени.Како ли да се зберат
во тој еден здив
сите песни испеани
сите платна исткаени
сите чеда надоени
од мајки благословени
сите детства пораснати
сите младештва заљубени
сите љубовни пораки
на стебленца изделкани.И животот
жив
во тој еден здив
како да се збере
и разбере
пред да нé голтне
црната земја
такви
недоречени
недоплакани
недосакани
недопрени
невидени
нечуени
невини.
…
Ај тој еден здив
тој живот див
без љубовен порив
е бескрајно сив
И тогаш ко клетва
мислата ветва
здивојте ги брои
и кафезот крои
за душата гроб
ти
цел
живот
роб.
Сарџоски е исто така книжевен преведувач, а меѓу позначајните дела што ги превел се „По трагите на смислата и убавината“ од Милан Ѓурчинов и „Раѓањето на зборот“ од Ацо Шопов. Застапен е во „Антологијата на македонската слем поезија“ и учествувал на повеќе поетски фестивали и настани, како „Струшките вечери на поезијата“, „Поетска ноќ“ во Велестово и „Скопскиот поетски фестивал“.






Себеси се гледа како поет – вљубеник во живата реч и исконската убавина на македонскиот јазик.
КОЈ СУМ?
(извадоци од „Огнен пој“)
Ме прашуваш кој сум
право ќе ти кажам!
Роден сум во семејство
на вљубени родители
пораснат во светлина и радост
детството ми беше тарзани и партизани
и безгрижни криенки
по туѓи бели дворови
во време кога се рушеше
еден голем сон
и презриво се раѓаше
едно поинакво, ете вакво јаве…
Оттогаш па навака
трагам по нафака
се барам низ списи
пергаменти и ракописи
небаре некој знак
од древнина останал
силно запечатен
сред виоров вечен
недоречен а наречен
живот, по кој јас
би го познал
ликот неисклесан
би го видел
сред карпине слеан
векотум изделкан
од ветришта и вијулици
милуван, та да го прашам:
Кој сум јас?
А тој да ми каже…
Ме прашуваш кој сум
право ќе ти кажам!
Ми сменија две држави
пет пасоши и три валути
сертификати и плакети
разни дипломи и штафети
ми дадоа документи низа
патни исправи и виза
ме сликаа едно сто пати
ми ставија печат исто толку
ниту еднаш не ми се насмевнаа
ниту ме погледнаа вистински…
Доволни им беа етикетите…
за да знаат кој сум?
А јас нит се знам нит познавам…
Ме прашуваш кој сум
право ќе ти кажам!
Прашинка сум трошна
што смогнала сила
од здивот и мислите
да сочини збор…
Да се исперчи стасно
пред сонцено јасно
и да заигра со земјата
барем некој круг…
И дур вие орото
дур се редат сватојте
потајум да испее
и по некој стих…
Не би ли ги тајните сокрил
пред црвите да би ги гостил
и оставил белег сјај
сред овој минлив рај…
…
Понекогаш милно ги гледам планините
дур татнеат на ветрот
и само посакувам
да ги јавам…