Од Сојузот на борци од НОАВМ и граѓани продолжувачи Тетово со реакција на ставот на Билал Касами против поддршката од Претседателот на Македонија.
-Претседателот на државата да не дава изјави кои штетат на успешно завршување на процесот и најпрво да разговара со претставниците на Општина Тетово – изјавил градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами.
Реакцијата на Сојузот на борци ви ја пренесуваме во целост:
„Касами смета дека изјавата придонесува кон неуспех на процесот.
Но, што кажа Претседателката г-ѓа Гордана Силјановска Давкова?
-Сојузот на борци мора да биде истраен во своите барања да не се менуваат имињата на дел од улиците во Тетово кои носат имиња на национални дејци од антифашистичкото минато. Сите имаме одговорност кон историјата и истата треба да им ја оставиме на нашите деца – истакна таа.
Во суштина на проблемот лежи актуелниот градоначалник на Општина Тетово Билал Касами.
Истиот периодов на тема промени на имиња на улици даде безброј изјави. Започна со скандалозната изјава дека и без македонските гласови во Советот ќе ги промени имињата на улиците, па потоа неколку пати кажа дека ќе иницира нов закон согласно кој нема да му биде потребна согласност од Владата, па потоа кулминираше квалификувајќи ги хероите од антифашистичката и народноослободителна борба како херои од темното минато кои мора да ги заборавиме, па соочен со лавина реакции ретерираше со одговор дека само ќе се определат имиња на улици кои немаат име и се со број, што воопшто не е проблем, Законот дозволува име на улица да биде број.
Денес Касами се дрзнува да ја спори изјавата со која Претседателот на Македонија дава поддршка на Сојузот на борците за истрајност во борбата против промена на имињата на улиците кои носат име на хероите и дејците од државотнорниот НОБ, со што практично ги реафирмира сите свои претходни срамни изјави. Но, со тоа ни соопштува уште еднаш дека успех во процесот за него е токму тоа, да ги замени имињата на улици и да се заборават имињата на дејците на НОБ и да гледаме анемично и без реакција како предизборно ни дивее необализмот и неофашизмот во негова режија.
Не, не дозволуваме тоа да се случи Биљал Касами.
Почитувана г-ѓо Претседател, Ви благодариме што државнички покажувате внимание, грижа и доследност.
Апелираме до јавноста остро јавно и приватно да реагира на реториката и плановите на Билал Касами. Ги повикуваме членовите на Советот веднаш да ја осудат неговата изјава и јавно да изразат поддршка на нашите барања и да не прифатат да бидат инструмент во еден срамен процес.
Со почит,
СОЈУЗ НА БОРЦИТЕ ОД НОАВМ И ГРАЃАНИТЕ ПРОДОЛЖУВАЧИ – ТЕТОВО“