„Тетово сака парк“: повик за 12 барања на кои ќе се обврзе секој кандидат на локалните избори 2025

Сподели:

Од Иницијативата „Тетово сака парк“ со јавен повик до учесниците на локалните избори 2025 година.

Нивниот повик ви го пренесуваме во целост, а се состои од вкупно 12 точки:

-Граѓаните на Тетово уште еднаш се пред избори за членови на Советот и Градоначалник на Општината. Разочарани сме што секоја досегашна мала надеж за промена, на крај се сведува на обична замена. Бидејќи во изборниот период политичките субјекти и кандидатите слушаат, гледаат, сочувствуваат, размислуваат, прифаќаат, поддржуваат, а потоа си тераат бизнис, неработење, инает и партизирање, иницијативата „Тетово сака парк“ повикува секој кандидат и субјект во доменот на јавните политики да се обврзе на следниве 12 точки:

1. Да не се кандидира ниту еден досегашен советник кој гласал за измена на Деталните урбанистички планови за Монопол и ШИК „Јелак“ бидејќи овозможил пат на урбаната мафија, а на штета на градот. Истото да важи и за оние кои не гласале „за“, но не биле ниту против! Да се осуди досегашното распродавање на државно земјиште е дополнителна обврска за секој чесен кандидат!

2. Да се даде јавно ветување дека нема да се прифаќа крајно погрешното урбанистичко штелување, т.н. обединето менување на ГУП и ДУП со цел на одредена локација да се изградат згради.

3. Да се даде јавна заложба за итно суспендирање на ДУП за УБ 31 (Монопол), со цел негово преработување и ублажување на штетните последици. Со нов ДУП, минимум да се гарантира парковски зелен коридор кој ќе го поврзува Паркот на жената-борец со високиот боров појас кој мора да се заштити. Да се заштити сѐ уште несрушениот главен жолт објект на стариот Монопол, да се трасира шеталиште до новиот дел на трговски центри и супермаркети на влезот во градот и да се гарантира најмалку 50% зеленило во блокот.

4. Да се донесе одлука за урбанистичка намена Д – паркови и зеленило за УБ 57а (на местото на ШИК „Јелак“) и во ГУП и во ДУП, и да не се споделува било каква друга урбанистичка намена која подразбира домување, јавни објекти или индустрија – да се изгради исклучиво само вистински зелен и хуман парк – не зеленило помеѓу нови објекти.

5. Да се донесе ДУП за просторот околу сливот на реката Пена од мостот кај АМСМ до границите на градот долж реката. Со оглед на тоа дека постојано се проширува градежниот опфат на градот, да се донесе правна и планска регулација со која коритото на Пена во правец кон вливот во Вардар ќе се заштити и понатамошно третира како широк и долг речен фронт со зеленило, пешачки и велосипедски патеки, спортски и рекреативни содржини и угостителски објекти. За разлика од горниот тек на Пена, градот не смее да дозволи стихијно да се гради и понатаму околу реката. Мораме да го искористиме навремено овој потенцијал и да заличиме на современ град.

6. Да се врати Спортскиот центар на граѓаните, да се одземе концесијата со која просторот е заграден и претворен во обичен панаѓур со платени реквизити. Да се изготви проект за формирање на вистинска парковска зона со високи дрвја, урбана опрема и отворени и осветлени спортски терени (фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, тенис), слободни и бесплатни. Ваквиот проект да го опфати и целото опкружување на недоградената спортска сала, градскиот базен, тениските терени и околните запуштени и деградирани јавни простори. Да се даде заложба за одржување на целиот овој потег.

7. Да се формира регистар на постоечки дрвја во градот. Да се преземе обврска за зголемување од минимум 20 % на вкупниот број на дрвја со нови садници секоја година.

8. Да се подигнат дрвореди од високи дрвја од автохтони локални видови (јавор, костен) во централното градско подрачје, од левата и десната страна на бул. „Благоја Тоска“, бул. „Илинденска“, бул. „Видое Смилевски-Бато“, ул. „Иво Рибар-Лола“, ул. „Борис Кидрич“, ул. „Јане Сандански“, ул. „ЈНА“, ул. „29 Ноември“ и ул. „Љубо Божиноски-Пиш“, како и во дворовите на училиштата.

9, Да се прифати заложба за формирање на нов парк „Пена“ долж речниот кеј на просторот помеѓу булеварите „Благоја Тоска“ и „Видое Смилевски-Бато“ (спроти „Бами кор“ и АМСМ), со соодветни рекреативни содржини, урбана опрема и високи дрвја.

10. Да се вети заложба за воспоставување на летен сообраќаен режим на рекреативната зона „Бањиче“, со рестрикции за моторни возила од 17:00 до 21:00 часот. Да се вети заложба за летен сообраќаен режим и за новиот булеварски дел од ул. „Борис Кидрич“ со цел проширување на средишната пешачка зона.

11. Да се вети изградба на велосипедски патеки во должина од најмалку 10 км до крајот на мандатот.

12. Да се формира градско надзорно тело за спроведување на мерките за подобрување на спортските, рекреативните и еколошките услови во градот, инклузивно со вклучени експерти, активисти и јавноста.

Иницијативата „Тетово сака парк“, заблагодарува на политичките субјекти и кандидати кои изразија интерес изминатиов период за работна средба, но се воздржува од било каков контакт со било кој учесник во локалните избори. Секој учесник кој ќе ги прифати овие 12 точки и ќе ги преточи во своите програмски приоритети може да смета на наша стручна и граѓанска поддршка.

Во меѓувреме продолжуваме да следиме! Будно! – се вели во јавното обраќање на иницијативата.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top