Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово денес 14.10.2026 година до Јавното обвинителство поднесе Иницијатива за забрана на работа на организацијата Здружение за култура и заштита на духовно и културно наследство ХУТА Тетово, која работи и делува во Тетово и е сопственик на веб страна со домен: https://www.tetovamuzeuvirtual.org/, a на социјалната мрежа facebook е активна со своја официјална страна https://www.facebook.com/tetovomuseum именувана како Muzeu Virtual i Tetovës / Виртуелен Музеј на Тетово.
„Иницијативата ја поднесуваме врз основ на член 66 ст 1, а во врска со чл. 65.ст.1 од Законот за здруженија и фондации и бараме надлежниот јавен обвинител поради постоење на причини за забрана на работата на Здружението ХУТА да достави предлог за забрана на работењето на Здружението ХУТА до надлежниот Основен суд во Тетово.

Законот за здруженија и фондации јасно определил ЗАБРАНА ЗА РАБОТА на организација ако: поттикнува агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост, презема активности кои се спротивни на Уставот и законот, има програма, цели, дејности кои предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција, омраза, или се форма на поддршка, односно одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот – рајх.
Здружението ХУТА во последната своја објава го оспорува значењето на државниот празник 11 Октовмри – Ден на востанието и го претставува во негативно светло, славејќи и величајќи ги окупаторите и нивните соработници, споделувајќи слика од озогласениот фашистички батаљон Љуботен како со карактеристичниот нацистички поздрав салутира на фашистот Гајур Дерала, а притоа го велича и злосторникот Џемо Хаса. Во многу нивни објави се врши историски ревизионизам, народно-ослободителната војна на македонскиот народ и народностите се негира, а за сметка на тоа се афирмира наследството на негативните личности како Џафер Сулејмани, Шаип Камбери, Гајур Дерала, Џемо Хаса, Роберто Паријани, и многу други фашисти.

Постапувајќи на овој начин подолг временски период исполнети се условите за отпочнување на законска постапка за забрана за работа на ваквата организација. Нејзиното понатамошно постоење и функцинирање штети на уставно-правниот поредок, ги повредува чувствата, правата и слободите на граѓаните и создава непоправлива штета врз меѓуетничките односи кои се особено значајни и мора да се негуваат како посебна вредност на нашето општество. Македонија и Тетово мора да се развиваат растеретени од поединци, групи и организации кои свесно и намерно внесуваат немир, спроведуваат агенди и нео-фашистички политики кои покрај тоа што го прекршуваат законот имаат за цел да го фрагментираат општеството и вештачки да создаваат високо ниво на конфронтираност“ – се вели во соопштението до јавноста на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово.





