Веруваме дека кога ќе се спомене зборот „гитарист“, веднаш помислуваме на нашиот Дамир Пух.
Талентиран музичар кој неуморно твори, придонесува во музичкиот свет и е вистински виртуоз на гитара. Дамир Пух несомнено е еден од брендовите на Тетово – посветен, креативен и успешен. Во продолжение неговата богата биографија:
Дамир Пух е гитарист, композитор и музички продуцент чиј авторски опус опфаќа соло-изданија, работа со различни бендови и авторство, аранжмани и продукција за бројни изведувачи од македонската поп и рок сцена. Има создадено музика за интернационални брендови, како и едукативни аудио и видео материјали за светски онлајн-платформи за учење гитара. Бележи национални радиски хитови како композитор, бројни колаборации и проекти надвор од Македонија, а меѓу своите достигнувања вбројува и награди од престижни меѓународни натпревари за гитара и музичка продукција.

Има настапувано на фестивали во рамки на државата и во регионот, вклучувајќинастап како предгрупа на „Deep Purple“ со бендот „Station: Innermost“, како и отварање на концертната серија на 3 Гонга со Eric Gales. Како ко-основач на „GreenRoom Sound Studio“, Дамир е вклучен во низа креативни соработки со национални и меѓународни артисти, додека истовремено продолжува да го гради својот соло-опус.
Значајни достигнувања:
2008 –освојува награда за најдобар гитарист на „Рок-Фест 2008“ во Скопје, со авторскиот бенд „Parallel Universe“.
2009 – Tоп-7 пласман на интернационалниот онлајн гитарски натпревар „Give me a riff“.
2010 – Финалист на регионалниот натпревар „Guitar Master 2010“, со настап во Загреб, Хрватска.
2010 – Победник на интернационалниот гитарски натпревар „Live4Guitar“.
2012 – Победник на интернационалниот онлајн гитарски натпревар организиран од Anthony McLeod.
2012-2013 –издава неколку радиски синглови со бендот „Bondi Blue“, во улога на автор, изведувач и продуцент.

2014 – Победник на престижниот натпревар за гитара и композиција „Six String Theory“, во категоријата рок гитарист. Членови на жирито се реномирани гитаристи и автори како Lee Ritenour, Steve Lukather, Joe Satriani, Guthrie Govan, Brent Mason, и други.
2014 – Топ-8 финалист на најпрестижниот гитарски натпревар „Guitar Idol 4“, каде го освојува шестото место во финалето во Лондон.
2015 – Станува спонзориран артист од реномираната американска компанија за гитарски засилувачи Bogner Amplifiers.
2017 – Го издава својот прв авторски албум со инструментална музика „Recollection“, на кој се потпишува целосно како автор и продуцент, и во текот на 2017 и 2018 прави концертни промоции на албумот во рамки на Македонија и регионот.
2018 – Започнува соработки со македонски артисти од поп и рок сцената како аранжер и продуцент.
2018-2019 – Го формира прогресив рок бендот „Station: Innermost“, со кој го издава концептуалното EP „Exposure“ на кој како гостин се појавува Derek Sherinian (ex-Dream Theater, Billy Idol, Kiss, Alice Cooper, Planet X, etc). Дамир е во улога на автор, изведувач, продуцент и музички директор на проектот. Бендот има концертни активности низ државата како поддршка на изданието.
2019 – Станува спонзориран артист на „DiMarzio Pickups“ и „Mercuriall Audio“.
2020-2021 – Започнува соработка со „JTC Guitar“ – водечката онлајн платформа за гитарска едукација. Освен улогата како гитарски инструктор, Дамир е вклучен во продукцискиот дел, каде креира и продуцира авторска музика за маркетинг цели, како и придружни аудио материјали за учење и колаборација помеѓу повеќе гитарски инструктори на „JTC Guitar“.
2021 – Top-6 пласман на интернационалниот натпревар за музичка продукција „Rate My Mix“, од пријавени 6700 натпреварувачи, организиран од Grammy-номинираниот продуцент Warren Huart.
2022 – Издава 2 инструментални албумикако соло-артист: „Divergence“ – албум поддржан како проект од национален интерес од Министерството за култура, каде се потпишува како комплетен автор и продуцент. Во истата година го издава и „Big Riffs“ за британската музичка компанија „Score Production Music“, на кој се потпишува како автор и ко-продуцент.
2022 – Вклучен е во креирањето на албумот „10 Љубови“ на Наташа Миха, како автор, аранжер и продуцент. Албумот е исто така проект од национален интерес од Министерството за култура.
2022 – Настапува со „Station: Innermost“ како предгрупа на легендарните „Deep Purple“ во Скопје, и бендот остварува концерти на фестивали во државата и регионот.
2022 – Станува спонзориран артист на „Elixir Strings“.
2023 – Учествува во креирањето на албумот „Вида“ на Мијата, во улога на аранжер и продуцент на 10 од 13-те песни од албумот, како и мастеринг инженер на целиот албум.
2023-2025 – Вклучен е во продукции на неколку македонски радиски хитови како автор, аранжер и продуцент.
2024 – Станува спонзориран артист на „Jet and Spira Guitars“,„Thomann“,„Тonerider Pickups“ и „Jinx Pedals“.
2025 – Го објавува инструменталниот сингл „Saffron Skies“.
2025 – Победува на интернационалниот натпревар за музичка продукција организиран од Eric Valentine (Slash, QOTSA, Smash Mouth, Good Charlotte, Third Eye Blind, etc.), во силна конкуренција меѓу добитници на Grammy и Grammy-номинирани продуценти.

