Спортската приказна на ПК „Шара Свим“ се закити со уште еден успех – непречена реализација на нивниот прв пливачки куп на ниво на град Тетово „Шара Свим Куп 2026“.
-Со огромна гордост сакаме да споделиме дека успешно и непречено го организиравме нашиот прв пливачки куп на ниво на град Тетово. За нас ова не беше само натпревар. Ова беше ден исполнет со спортски дух, детска радост, возбуда, поддршка, фер-плеј и многу емоции. Како прво издание, сме навистина среќни и горди на целата организација и атмосферата што заедно ја создадовме – велат од пливачкиот клуб.
Тие изразија голема благодарност до сите клубови кои им дале поддршка и учествувале на натпреварот. Меѓу нив се вбројуваат: ПК „Илирида Нот“ – Тетово, ПК „Шкендија“ – Тетово, ПК „Алфа“ – Тетово, ПСК „Челични“ – Штип.
-Вашето присуство, вашите натпреварувачи и вашиот професионален однос му дадоа вистинска вредност и посебна енергија на овој спортски настан. Посебна и најголема благодарност до Општина Тетово, Градски базен Тетово и целиот персонал за неизмерната помош, покровителство, поддршка и соработка во реализацијата на овој прекрасен спортски ден. Благодарност и до сите родители, тренери, натпреварувачи и пријатели кои беа дел од оваа убава приказна. Секоја насмевка, секој старт, секој освоен метар и секој аплауз ни значеше многу. Ова беше само почеток. „Шара Свим“ продолжува понатаму со уште поголема мотивација, љубов кон спортот и желба за развој на пливањето во нашиот град – додаваат од ПК „Шара Свим“.

