„Заминаа во историја наметнатите незаконски имиња на улиците во Тетово!“, вели Даријан Сотировски, кој објави дека Уставниот суд ја укинал одлуката со која во 2007 година Советот на Општина Тетово ги замени имињата на одредени улици во градот.
Обраќањето на Сотировски доаѓа по поднесување на Иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр.07-766 од 24.04.2007 година, од страна на Сотировски и Сојузот на борците од НОВ Тетово. Неговата објава Ви ја пренесуваме во целост:
-Почитувани пријатели, слушнете го ова!![]()
![]()
Поздрав до сите кои во моментов шетаат по плоштадот и булеварот ,,Маршал Тито”, пазаруваат на ул. ,,Радован Цониќ”, возат долж ул. ,,Иво Рибар Лола”,чекаат преглед на ул. ,,29 Ноември”… Заминаа во историја наметнатите незаконски имиња на улиците во Тетово!
На денешната седница Уставниот суд донесе одлука да ја прифати Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр.07-766 од 24.04.2007 година, која ја поднесовме со Сојузот на борците од НОБ Тетово на 11.02.2025 година и ја укина незаконската одлука. Во сега далечната 2007 година со гласовите на советниците од сите претставени политички партии, кршејќи го законот, Советот ги замени имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција, рефлектирајќи непочитување кон Уставот и кон асномскиот антифашистички темел на државата.
Убеден сум дека се што ни се случува или ни се случувало во голема мера е резултат на нашата колективна попустливост и предавање. Верувам дека сите можеме да дадеме многу поголем придонес кон повисокото добро. Препознавајте ги и поддржувајте ги локалните иницијативи и организации. Сојузот на борци од НОБ Тетово годиниве има направено многу повеќе за Тетово од сите институции и партии заедно – се вели во објавата.

