Јован Дамјановски: Разговор за употребата на тетовскиот дијалект

Сподели:

Дијалектите се свежи врутоци на литературниот јазик и не треба да се подразбираат како некоја подреденост во секојдневниот стандарден говор. Тетовскиот дијалект има своја оригиналност и препознатливост во нашата тетовска душа. Затоа е составен дел од виталното ткиво на нашиот секојдневен јазик и незаменлив начин на нашето тетовско препознавање.

Големиот љубопитен дух на нашиот сограѓанин Дарко Гавроски, со својата енциклопедија на тетовски зборови, за мене прозвучија како рајски здив на младоста, како зборови што сме ги слушале и зборувале во младоста. Со силата на својата тетовска душа, со вистински тетовски дамар, тој се вгради во нашето внатрешно огледало на тетовската душа. За неговата работа почувствував некое кандилце над некој стар тетовски ормар, од нашата куќа од маалото Поток во Тетово, со што се осветлува минатото, како сегашноста и иднинаа. Оттука е моето уверување дека нема сила што ќе дозволи да исчезнат тетовските зборови од нашиот градски говор.

Јас го сфаќам мојот тетовски дијалект, како можност за самоидентификација на својот народен идентитет. Затоа, за мене е несфатливо што некои наши сограѓани го бранат своето право на помодарство, по разни поводи и околности, да го одронуваат и расипуваат оригиналниот тетовски дијалект. Секоја замена на тетовските оригинални зборови „ТАЌЕ“ и „ВАЌЕ“, да се заменуваат со „ТАКЕ“ и „ВАКЕ“ и голем број други зборови, како на пример нашиот убав збор „НИКОАШ“ да се заменува со „НИКАД“, за мене е обезличување на тетовскиот градски говор. Ако направиме потрага по овие замени на зборови, самите ќе се изненадиме, а трагите никогаш не завршуваат, туку треба постојано да трагаме со нови потраги по трагите.

Што би се случило ако ги менуваме зборовите од песните на нашите тетовски староградски песни и народното поетско творештво, кои претставуваат високо мотивиран и вдахновен култ кон традиционалната усна книжевност, што произлегува од вкупниот интелектуален, емоционален и материјален живот на нашиот народ.

Како книжевен творец, јас напишав неколку драмски текстови, пишувани на тетовски дијалект. Особено внимание предизвика драмата „Мие малите људи, смо големи чуеци“, која многупати е играна на сцена во Тетово, од повеќе драмски ансамбли, како и драмата „Иконија, пардон госпоѓица Ика“ и монодрамите „Чај со рум“ и „Матмазел Ика“, што ја освои наградата на Републичкиот фестивал ФААТ 92-година, во Кочани, за праизведба на драмски текст од домашен автор. Ми останува да се надевам дека нема да ми биде забележано за моите текстови на тетовски дијалект. Дијалектите не се само за препознавање во минатото, но и во сегашноста и иднината. Токму како што вели Достоевски: „За сѐ сме одговорни пред себе, но и пред другите“.

По прашањата за толкување на дијалектологија не сум стручен, ама се вознемирувам како писател. Моите сеќавања за мојот тетовски дијалект, се дел од мојата меморија, која се менува зашто во животот сѐ е менливо и минливо. Но, тоа што го забележувам во современо време, ми се наметнува како мисла за роварење и обезличување на тетовскиот дијалект и не само од дојденци, туку и од луѓе што се родени во нашето Тетово. Тоа се вклопува во описот на ова наше брзо, драматично, бурно, тешко, одминливо и неодминливо, но секогаш незавршено време.

Апелирам до моите сограѓани Тетовци, по Сократовата максима: „Првин треба да се запознаеме самите себе“, да се видат како вистински Тетовци, тетовскиот дијалект да го користат како начин за идентификација во оригиналниот израз на тетовскиот дијалект.

Благодарам за вниманието.

Јован Дамјановски, писател

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top