Од Шара до Охрид: тетовските скијачи го откриваат едрењето

Сподели:

Кога станува збор за бел спорт во Македонија, мислата речиси автоматски оди кон Шар Планина и нејзините падини. Овој јуни, сепак, група млади спортисти од Тетово ќе ја пресели својата работа на југ, на бреговите на Охридското Езеро, каде што белината нема да биде од снег, туку од едра.

Според мотото „Ова лето, ние, храбрите скијачи решивме дека снегот може да почека“, скијачите од Скијачкиот клуб „Диме Флејта”, во соработка со Едриличарскиот клуб „Акватика Јахтинг” од Охрид и Едриличарскиот клуб „Нов Ветер” од Скопје, од 20 до 26 јуни организира летен камп и школа за едрење под насловот „Охридски ветрови”.

За деталите разговаравме со Љубомир Петровски од Скијачкиот клуб „Диме Флејта”.

Љубомир Петровски – Скијачки клуб „Диме флејта“

Како е организиран кампот и школата за едрење, односно кој може да се пријави и кога ќе се одржи?

– Ќе се изврши сериозен вовед и основна обука во спортот едрење. Се работи за уникатен тип на камп и школа кој, за сите нас, претставува прекрасна прилика да нурнеме во светот на овој бел спорт. На овој начин, СК „Диме Флејта” внесува свежина во својата спортска понуда, водејќи се според начелата дека љубопитноста е водечка човечка особина, а едрењето – спорт кој не може да се опише со зборови, туку треба да се доживее.

Во основа планираме две групи. Првата ги опфаќа децата од 7 до 14 години. ЕК „Акватика Јахтинг”, со своето богато, повеќегенерациско и меѓународно искуство во натпреварувачкото и рекреативното едрење, ги води децата низ целото искуство на најбезбеден начин, од првото допирање на едрата, преку теоријата, до самостојното управување со едрилицата. На децата не им е потребно претходно искуство, туку желба за дружење и авантура во нов спорт. Со нив работи инструктор, а секое дете ги стекнува индивидуалните вештини самостојно. На една едрилица се обучува по едно дете.

Другата група е за повозрасните (15 години и повеќе) и родителите. Тука, покрај „Акватика Јахтинг”, е и „Нов Ветер” – клуб кој храбро организира стотици луѓе од Македонија да едрат на Охридското Езеро и насекаде на Медитеранот. Овој клуб безрезервно ќе ги сподели тајните зад маневрите на едрилиците, а ќе ги открие и оние прекрасни приказни зад веќе неколку-децениската историја на пловење на отворените води и мориња. Оваа група ќе работи со по еден инструктор на група од четворица учесници на една едрилица.

Секоја група ќе го следи својот дневен тек. Децата со своите предизвици, возрасните со своите. Но езерото е исто за сите, па така групите ќе можат да се сретнат меѓу наставата и дружењето. Кампот е предвидено да се одржува од 20 до 26 јуни – информира Петровски.

Што може да очекуваат од кампот сите оние кои ќе се пријават?

– Може да очекуваат стручни тим лидери од СК „Диме Флејта”, кои цело време се грижат за безбедноста и доброто расположение на децата и родителите.

Учењето на едрењето ќе се одвива на секојдневна основа, но покрај едрењето, ќе го истражуваме и езерото, а и ќе се запознаеме со заедницата која живее од него. Планирана е посета на стариот Охрид, како и одржување на еколошки час посветен на животот на Охридско Езеро. Секој учесник ќе добие диплома за посетата на школата за едрење.

Ќе реализираме и камперски магични вечери, со традиционална храна и заеднички спомени. Бидејќи почетокот на кампот е предвиден за 20 јуни, за 21 јуни планираме свечено отворање и дружење.

Што се однесува до сместувањето, предвидено е поставување камп со шатори на локацијата Камперстоп „К’ј Дивоно”. Се работи за една од најубавите плажи на Охридското Езеро, која нуди сериозна материјална база за едрење. За оние кои претпочитаат поголема удобност, обезбедуваме апартмани во непосредна близина, меѓу плажата „К’ј Дивоно” и Претседателската вила Билјана – истакнува Петровски.

Дали местата се ограничени и како може заинтересираните повеќе да се информираат и да го резервираат своето место?

-Местата се ограничени, затоа препорачуваме да се пријавите што поскоро. За сите информации можете слободно да ни пишете во порака, на ljubomir@dimeflejta.org.mk, или, пак, да ни се јавите кај Сања, на бројот 071 209 548. Без разлика на тоа од каде сме, поканети се сите заинтересирани да земат учество – потенцира Петровски.

Петровски додава дека летниот камп ќе подразбира една заеднички помината недела, во која децата и семејствата ќе научат нешто за езерото, за ветрот, за Охрид, за навигацијата, за светските поморски подвизи – и преку тоа, малку повеќе за себе.

-ЕК „Акватика Јахтинг”, ЕК „Нов Ветер” и пошироката заедница на едриличари во Македонија веќе неколку години храбро го ставаат македонското едрење на европската и светската мапа. Токму минатата година, тие храбро го организираа Европскиот Меч Рејс во Охрид – натпревар на кој учествуваа натпреварувачи, олимпијци, судии и тренери од светски калибар – истакнува тој.

Инаку првите импровизирани едрилици запловиле по Охридското Езеро во 1937 година, а биле кајчиња на кои било поставено платно. Сега, од 20 до 26 јуни во Охрид ќе блеснат едрилици со сите вљубеници на едрењето како спорт – од мала до голема возраст, кои заеднички ќе уживаат во богатата природа покрај Охридското крајбрежје, ќе се здобијат со нови знаења и ќе креираат вредни спомени.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top