Веќе неколку години инструкторите од ски школата „Љуботен“ ја пренесуваат љубовта кон скијањето на најмладите генерации.
Скијањето како спорт од секогаш бил популарен во Тетово и околината, особено заради близината на зимската убавица Попова Шапка, каде што голем број Тетовци и љубители на зимските спортови, уживале во снежните падини и ски терените.
Од ски школа „Љуботен“ ни ги дадоа сите информации за нивните активности и начините и методите на кои работат со децата. Нивните одговори во продолжение:
Од кога постои ски школата „Љуботен“?
-Ски школата „Љуботен“ постои од 2019 година и од своето основање активно работи на развојот и промоцијата на скијањето кај децата и младите. Во изминатите години школата успеа да обучи голем број млади скијачи, почнувајќи од почетници па сè до напредни натпреварувачи. Нашата мисија е не само да ги научиме децата на правилната техника на скијање, туку и да ја поттикнеме нивната љубов кон спортот, дисциплината и здравиот начин на живот.
Со колку инструктори располага ски школата?
-Ски школата располага со шест лиценцирани инструктори, кои поседуваат долгогодишно искуство во скијањето и во работата со деца и млади. Инструкторите се професионално обучени и посветени на индивидуален пристап кон секое дете, со посебен акцент на безбедноста, правилната техника и постепениот развој на скијачките вештини.

Која е минималната возраст за запишување на деца за ски часови?
-Минималната возраст за запишување во ски школата е пет години. На оваа возраст децата веќе имаат развиено основна моторика и концентрација, што им овозможува полесно да ги совладаат првите чекори во скијањето преку прилагодени вежби и методи на обука.
Кога најчесто се одржуваат часовите?
-Часовите најчесто се организираат за време на зимскиот распуст, кога интересот кај децата е најголем. По завршувањето на распустот, обуката продолжува и за време на викендите, во период од 09:00 до 14:00 часот, кога условите на ски патеките се најповолни за тренинг и усовршување на техниката.
Со какви групи работите во моментов?
-Работата во ски школата се организира во повеќе групи, во зависност од нивото на знаење и способноста на децата да ја совладаат техниката на скијање. Во почетната фаза, децата започнуваат со обука на специјално подготвени полигони, каде што ги совладуваат основните техники и движења. Овие групи обично бројат од 10 до 20 деца. По одреден период се прави селекција и формирање на три групи:
а) почетници, кои за првпат се запознаваат со ски патеката,
б) напредни скијачи, кои веќе ги имаат совладано основните техники,
в) и натпреварувачкагрупа, составена од деца кои активно тренираат и учествуваат на државни првенства и натпревари.

Кои методи и програми ги применува ски школата за ефективна обука?
Обуката се базира на структуриран и постепен методолошки пристап. Најпрво се започнува со основни вежби на полигони, каде што децата се запознаваат со опремата, рамнотежата и основните движења на снег. Потоа постепено се преминува на ски патеките, каде што учениците ги усовршуваат техниките на свртување, контрола на брзината и правилно движење на различни терени. Работата се одвива во мали групи, со цел секое дете да добие соодветно внимание и поддршка во процесот на учење.
Дали ски школата организира натпревари и турнири?
Децата од клубот активно учествуваат на државни натпревари и првенства, каде што имаат можност да го покажат својот напредок и стекнатите вештини. Покрај тоа, на крајот на секоја сезона традиционално се организира клубско натпреварување, кое претставува симболично затворање на сезоната и можност за дружење, мотивација и наградување на трудот на младите скијачи.
Порака до родителите и децата кои се уште не се одлучиле да се запишат…
Ги покануваме сите родители и деца кои имаат желба да го запознаат светот на зимските спортови, да станат дел од ски школата „Љуботен“. Скијањето не претставува само спортска активност, туку и можност за развој на дисциплина, самодоверба, физичка подготвеност и љубов кон природата. Со стручна обука, безбедна средина и пријателска атмосфера, нашата школа им овозможува на децата да стекнат нови вештини, нови пријателства и незаборавни зимски искуства.

