Сојуз на борци од НОАВМ и граѓани продолжувачи Тетово: Окупаторите не заслужуваат имиња на улици

Сподели:

Сојузот на борци Тетово со соопштение до јавноста за предлог-името под број 2 кое е наведено во листата што ја утврди Работната група за именување и преименување на улици во Тетово.

Од таму велат дека остро се спротивставуваат на тој предлог, а во нивната реакција образложуваат и зошто. Реакцијата ви ја пренесуваме во целост:

„Почитувана јавност,

Нелегитимната Работна група за именување и преименување на улици во Тетово формирана од Советот на Општина Тетово на седницата на 12.08.2026 година утврди 145 предлог-имиња за тетовските улици, а во листата под број 2 е наведено името Др. Џафер Сулејмани.

Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово остро се спротивставува на овој предлог, го смета за неприфатлив по повеќе основи и бара да биде отфрлен.

Во објавата при прифатените имиња стои кратко образложение за секое име. Кај Џафер Сулејмани е запишано дека бил истакнат лекар, каде го стекнал образованието и какви почести добил од српскиот крал. Со целосна почит за неговата лекарска работа, ова не е целосно прикажување на неговата биографија. Кај голем дел од предложените имиња намерно се сокрива суштинскиот дел од нивната биографија. Сметаме дека јавноста мора да биде запознаена дека истиот за време на фашистичката окупација во мај 1941 година од страна на окупаторот бил назначен за градоначалник на Тетовската општина, функција која ја извршувал до средината на 1943 година. Времето на окупацијата било период на страдање на недолжните граѓани, на спроведување на репресивни политики и пропаганди, на милитаризирање и слично. Траорни се сеќавањата на повеќе настани од тоа време. Историјата токму во мандатот на Џафер Сулејмани меѓудругото се сеќава и на ликвидацијата на семејството Кузмановски од Тетово, кое вечерта на 7 јуни 1943 година, во очи на свадбата на ќерката Марица, загинува од окупаторска балистичка банда во својата семејна куќа. Во сеќавањето на единствениот преживеан, најмладиот син Кузман запишано при интервју реализирано и публикувано од еминентниот Јован Павловски стои:

-„Џафер ефенди, инаку претседател на тогашната Тетовска општина, како стар познаник на татко ми, го известил дека Албанскиот комитет донел одлука да го ликвидира нашето семејство. Се двоумеле меѓу семејството на Драго Грнчар, Душан Танто или нашето. Се одлучиле за нашето затоа што сме најмногубројни.“

Во истото сведоштво преживеаниот Кузман додава:

-„Целта на ликвидирањето на нашето семејство беше јасна: да се исплашат Македонците и да го забрзаат своето емигрирање од Тетово и тетовските села“.

Покрај многуте крвави случувања од тој период, името на Џафер Сулејмани се врзува и за формирањето на квислиншкиот албански баталјон „Љуботен“, кој целосно се претопил со балистичките формации и бил распореден во постојани борби против македонските антифашистички партизански одреди. Џафер Сулејмани во јули 1943 година во окупирано Тетово го пречекува фашистичкиот генерал и вицекрал Алберто Париани со највисоки градски почести  и леб. Споделуваме фотографија со јавноста од овој настан. Нека види целата земја кому Општина Тетово сака да прави чест, на окупатори, фашисти и нивни слуги.

Џафер Сулејмани по ослободувањето е правосилно осуден од надлежен суд за своите престапи.

Сојузот на борците од НОАВМ смета дека би било чин против државата и груб обид за рехабилитирање на оние кои се огрешиле против нашиот народ именување на улица во градот Тетово во слободна и суверена Македонија, држава со силен антифашистички темел, со име на градоначалникот од времето на фашистичката окупација Џафер Сулејмани.

Уште еднаш јавно ги повикуваме членовите на Работната група за преименување на улиците да ја преиспитаат сопствената совест. Не постои ниту еден аргумент кој оди во прилог на нивно останување во составот на нелегитимната Работна група за преименување на имињата на улиците во Тетово.

Упатуваме јавен апел и до членовите на Советот на Општина Тетово да престанат со заветот за молчење по ова прашање. Очигледна е штетата која се прави!

Апелираме и до политичките партии во македонското Собрание кои од наша страна примија Барање за иницирање на законски измени, а со цел зајакнување на законската регулација на начин што би превенирал рехабилитирање на фашизмот веднаш да постапат по истото!

Смрт на фашизмот – Слобода на народот! – стои во соопштението.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top