Сојуз на борци Тетово: Ноторна лага е дека ученици во униформи со импровизирани оружја го славеле 19 Ноември

Сподели:

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово со јавна реакција за објавите на медиумите на албански јазик поврзани со одбележувањето на 19 Ноември – Денот на ослободувањето на Тетово.

Нивната реакција ја пренесуваме во целост:

„Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово упатува јавна реакција, ги демантира и ги осудува како тенденциозна и злонамерна манипулација сите објави на медиумите на албански јазик во врска со чествувањето на 19 Ноември – Денот на ослободувањето на Тетово на 19.11.2026 година пред споменикот „Победа“ лоциран на булеварот „Маршал Тито“ пред Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ Тетово. Имено, истите тврдат дека учениците во униформи и со импровизирани оружја го славеле Денот на ослободувањето. Тоа е ноторна лага. Чествувањето има официјален карактер, се организира во соработка со државните институции и сите општествени организации, започнува со интонирање на државната химна и на истото учествуваат припадниците на Армијата кои се подредени од двете страни на споменикот. На настанот се чита историски реферат и бројни делегации положуваат свежо цвеќе. На достоинствен начин, се одбележува денот на победата над фашизмот, окупаторот и неговите слуги, се слави победата и националното ослободување.

Ученици од сите училишта и деца од повеќе детски градинки оранизирано присуствуваат на настанот. По завршувањето учениците од ОУ „Гоце Делчев“ Тетово ја исполнија детската песна „Тетово граду мил“ приготвена во чест на 82 годишнината од ослободувањето на градот.

Колку и да е некој злонамерен нема да успее да повлече никаква паралела и да најде сличност со настан во село Челопек случен неодамна во кој ученици при приредба биле облечени во униформи на паравоени терористички организации со пластични пушки во училишни простории.

Значајно е да се акцентираат две работи. Најпрво грубата повреда на стандардите на новинарството. Прво, ваквите објави во кои свесно се прикажува невистина значат и целосно прекршување на новинарската етика, но и злоупотреба на професијата за ширење на говор на омраза и продуцирање на меѓунационални поделби.  Второ, вистинското прашање од кое не може да се избега е следното: Зошто Општина Тетово не го слави Денот на ослободувањето, како и зошто Општината не ги афирмира и негува антифашистичките вредности?

Во оваа прилика Сојузот на борците од НОАВМ уште еднаш јавно им честита и се поклонува на сите училишта, просветни работници, општествени организации, клубови и друштва кои масовно се вклучуваат во одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот. Ние се гордееме со нашата историја, ние секогаш сме биле на вистинската страна, горди сме на нашата држава, химна и знаме, горди сме на нашата Армија и сплотени ќе продолжиме соборно и заедно да ги одбележуваме значајните национални денови – се вели во соопштението.

Сподели:

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top