Од Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово, со реакција и за предлогот по Фаик Мустафа да биде именувана улица во Тетово. Имено, од Сојузот на борци тврдат дека Работната група за именување и преименување на улици во Тетово „пласира неточни или непотполни биографии на личностите чии имиња ги предлага“.
Нивното соопштение до јавноста ви го пренесуваме во целост:
„Почитувана јавност,
Нелегитимната Работна група за именување и преименување на улици во Тетово формирана од Советот на Општина Тетово до сега усвои 219 предлог-имиња за улиците во Тетово. Со цел неприметно за општата јавност истите да ги усвои, а со тоа да рехабилитира низа фашисти, балисти и разни злосторници, ова општинско тело во јавноста како што преку повеќе примери веќе објавивме, пласира неточни или непотполни биографии на личностите чии имиња ги предлага.
Така во општинското соопштение пишува: – „Се предлага именување на улица по Фаик Мустафа – учител во повеќе села во РСМ од Тетово“ . Иако секој нормален ќе се запраша со што учител во неколку села заслужил име на улица во Тетово, сепак овој предлог е многу попроблематичен поради тоа што се прикрива вистинската биографија направосилно осуден сепаратист.
Фаик Мустафа е организатор на демонстрациите во Тетово во декември 1968 година. Демонстрантите противзаконски истакнале знаме на странска држава, а нивните барања биле во насока на поделба на државата. Фаик Мустафа е правосилно осуден на 5 години ефективна затворска казна за неговите дела против државата.
Недозволиво е предлагање на именување на улица со име на осуден сепаратист, организатор на насилни демонстрации против државата и државните симболи. Каква е оправданоста за истото? Каква порака би испратиле до граѓаните и до светот?
Смрт на фашизмот – Слобода на народот! – се вели во соопштението на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово.

